29/04/2024
Македонија

Левица: Колабирано здравство на Денот на здравјето

Политичката партија Левица испрати известување до медиумите во кое стои:

Македонија го дочека 7 април, Светскиот ден на здравјето, со колабиран здравствен систем. Додека државите низ светот на овој ден прават резиме на успесите кои ги постигнале минатата година, Македонија бележи падови и катастрофи.

Здравствениот сектор на Политичката партија Левица будно ги следеше случувањата во текот на минатата година како и сите штетни одлуки и постапки во македонскиот здравствен систем со кои се загрозува животот и здравјето на граѓаните.
Да потсетиме на некои од нив:

-Во времето на Министерoт за здравство – Беким Сали работите не се сменија кон подобро, а со доаѓањето на новиот Министер – Фатмир Меџити,  долгите опашки од луѓе низ  болничките ходници ширум Македонија останаа непроменети поради тоа што „Мој термин“ не е надграден, а лошите услови за работа ја оставија Македонија без специјалисти.

-Работењето на Клиниката „Жан Митрев“ во текот на Koвид пандемијата беше уште еден доказ дека државата нема механизам под лупа да ги стави приватните болници кои се достапни само за богатите;
-Дијабетичарите се соочуваа со повремен недостиг на инсулин за што постојано беше информирана јавноста;
-Владата во февруари 2022 година ги укина бесплатните прегледи во текот на бременоста и го укина бесплатното породување на жените кои не се здравствени осигуренички;
-На здравствените работници во 2022 не им беше исполнето покачувањето од 10 отсто на платите за  што беа најавени протести.
-На почетокот од 2023 година, работниците во Јавното здравство со задоцнување ја добија јануарската плата;
-Поради заминување на здравствените работници се вклучи аларм и во штипската болница каде недостига севкупен здравствен и помошен персонал;

-Детското одделение во охридската болница се’ уште не е во функција. Оваа состојба e кaтастрофално алармантна. Поради несериозноста на власта и погрешната здравствена политика, цената ја плаќаат родителите  носејќи ги своите деца во струшката болница;
-Па потоа следуваше веста дека педијатарот Д-р Софијанова си допишувала работни часови што вистински не ги одработила. Таа врати дел од парите, но вратените пари нема да и’ги измијат рацете од моралната одговорност;
-Буџетот за превенција од ХИВ вирусот беше намален;
-Саботажите  во здравството продолжија со партизираните вработувања во кочанската болница;
-Бројот на лековите на позитивна листа не бешe проширен ниту пак беше зголем бројот на дозволени фармацевтско дозирани форми што се препишуваат на рецепт;
-Кумановската болница беше оставена без лекови, за што граѓаните беа пронудени да патуваат во околните градови.

-Одделението за трансфузиологија во Охрид беше затворено поради нехуманите услови во просториите каде што се собираaт крв и крвни компоненти;
-Клиниката за дигестивна хирургија во соработка со КАРИЛ и МВР прикриваше случај на пациент кој паднал од болничка тераса;
-Еколошки црна беше 2022 година  за Македонија и погубна за бројни заболени луѓе од хронични респиратони и канцерогени заболувања;
-Амбулантите низ повеќе општини во околината на Скопје се во распаѓање, како пример Левица ги посочи амбулантата во Општина Илинден и амбулантата во Автокоманда;
-За пожарот на модуларната болница во Тетово, СДС и ДУИ го гонат Д-р Горан Вучевски, а одгворност не презедe  Кочо Анѓушев кој ja градеше, ниту пак Венко Филипче како тогашен Министер за здравство, иако беа наплатени вртоглави суми за модуларните болници.

-Пациентите со цистична фибриза во услови на можно достапен лек, беа жртви на немање на политичка волја да се зголеми буџетот за нивното лекување за што Левица реагираше. Поради глувоста на Министерот Сали, трагично заврши младиот Благојче – пациент со цистична фиброза;
-Во февруари 2023г. појавaтa на интрахоспитални инфекции што имаа летален исход беше конечниот резултат од занемарувањето на јавното здравство како дел од критичната инфраструктура на нашето општество.
-Во март до Здравствениот сектор на Левица пристигна информација дека Стоматолошкиот центар „Св. Пантелејмон“ е оставен без соодветна апаратура и без соодветни анестетици за хируршки интервенции.
-Кон крајот на март шестгодишно девојче почина во битолската болница по примена инфузија. Подетални информации за случајот се’ уште немаме добиено од надлежните.

Со вакви поразителни податоци Македонија го дочека 7 Април и 75-годишнината на Светската здравствена организација, основана во 1948 година, со цел насекаде  да се постигне највисоко можно ниво на здравје и благосостојба.

Здравствениот сектор на Политичката партија Левица ќе се бори против корумпираниот и колабиран здравствен систем во земјава и ќе се залага за стабилно, софистицирано и ефикасно јавно здравство. Здравјето не е и не смее да биде бизнис!


WebOhrid / 07.04.2023 / Левица