28/03/2024
Охрид

Левица: Над милион и пол денари за година и пол се потрошени од 5 охридски народни избраници

Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„За време на предизборните кампањи СДСМ и ДПМНЕ, лицемерно ги презентираат своите лажни ветувања, но и двете партии ниту еднаш, не изнесле податоци како нивните пратеници расипнички ги трошат  народните пари со милионските износи кои ги потрошиле за патни трошоци.

И покрај платата која што надминува илјада евра, градоначалникот на градот Охрид, Кирил Пецаков за една година патувањата го чинат 151.880 денари.

И претставнците од Охрид во законодавното собрание бесрамно се луксузираат додека народот одвај може да ги исплати основните месечни сметки. Пратеничката Жаклина Лазаревска потрошила 442.712 ден, Лидија Петковска потрошила 362.001 ден.

За помалку од година и половина, Александар Николовски од ДПМНЕ потрошил 402.167 ден, а веднаш до него од редовите на СДСМ на Лазе Таневски исплатени му се 313.489 ден.

Политичката партија Левица-Охрид уште еднаш ги потсетува овие лица дека и редовниот автобуски превоз може да биде доволно комфорен за да стигнат до своето работно место – во парламентот, наместо да патуваат со приватни шофери и луксузни автомобили, затоа што народот памти и враќа.

Да ретроспектираме дека од СДСМ и ДУИ беше одбиена точката за законски измени предложена од Левица да биде ставена на дневен ред, односно од вкупно 108 пратеници, 89 гласаа „ПРОТИВ”, што значи не беше изгласан Предлог на Законот од Левица за укинување на патните трошоци на пратениците (кои имаат плати повисоки од 1.000 евра) и кратење на противуставното т.н. право на апанажа на пратениците од Собраните на Република Македонија. На овој начин СДСМ и ДУИ бесрамно го ограбуваат и така осиромашениот народ!

Политичката партија Левица и понатаму ќе има за цел да ги УКИНЕ ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ!“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.


WebOhrid / 25.05.2022 / Левица ЛО Охрид