Македонија 0:0 Ерменија

Македонската А репрезентација одигра без голови, 0:0 против Ерменија во натпреварот од 4. коло во квалификациската група за пласман на СП 2022.

Нашата најдобра селекција со седум освоени бодови сега е на третото место во групата, зад Ерменија со десет и Германија со девет освоени бодови. 

На Националната арена „Тодор Проески“, македонската репрезентација одигра добро прво полувреме во кое имавме доминација и неколку добри прилики кои не ги искористивме. 

Александар Трајковски имаше обид, но неговиот удар по асистенција на Елмас заврши покрај голот на Ерменија. Во изгледни ситуации се најдоа Тихомир Костадинов кој биеше со глава по центаршут на Барди и Стефан Ристовски кој не шутираше најдобро од добра ситуација во шеснаесетникот на Ерменија откако мина во дуел со ерменската одбрана. 

Гостинските фудбалери од контра напади се обидуваа да го загрозат Столе Димитриевски, но нашиот голман беше одличен и не дозволи Ерменија да дојде до предност.

Во второто полувреме противникот се закани со удар од далечина на Вардарнјан, но најдобрата шанса ја имаше Македонија. Езѓан Алиоски во 62. минута упати силен удар од далечина, но Јурченко со многу мака го одбрани обидот на нашиот репрезентативец. 

До крајот од натпреварот двете репрезентации не созададоа посериозна прилика за погодок. 

МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 0:0

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје.  Судија: Артур Соарес Диас (Португалија). Стрелци: Ж. картони: Муслиу, Костадинов (МКД), Восканјан, Мкхтарјан, К. Хофанисјан (ЕРМ).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Муслиу, Велковски, Алиоски, Костадинов (83` Ашковски), Барди, Трајковски (60` Спировски), Елмас, Чурлинов, Јаховиќ (82` М. Ристовски); Селектор: Благоја Милевски.

ЕРМЕНИЈА: Јурченко, Хамбарѕумјан, Восканјан, Калисир, К. Хофханисјан, Бичакчјан (46` Корајан), Григорјан, Удо, Варданјан (67` Спертсјан), Мкхтарјан, Адамјан (72` Шагојан); Селектор: Хоакин Капарош.

Македонската репрезентација на 5. септември во Рејкјавик против Исланд ќе го одигра мечот од 5. круг од квалификациите за СП. На 8. септември во Скопје играме против Романија.