24/04/2024
Македонија

Македонија домаќин на Воениот комитет на НАТО

Воениот Комитет на НАТО (ВКН) го поздравува прогресот на Република Македонија кон членството во НАТО кое сега е се поизвесно, како и посветеноста на заедничките вредности, беше кажано во воведното обраќање од страна на Заменик претседавачот на ВКН, генерал-потполковник Стивен Шапро, на отварањето на денешната сесија на Воениот Комитет на НАТО во Скопје. Ова е прва посета на Воениот комитет на НАТО во формат на постојана сесија во Македонија, која се одржува на покана на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Заменик претседавачот на Воениот Комитет на НАТО го поздрави досегашното учество на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировните мисии и дадениот придонес во подобрување на меѓународната безбедност. „Ве охрабруваме да продолжите со овие реформи, а ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со вас во понатамошно развивање на вашите одбранбени способности во согласност со стандардите на НАТО “, рече генерал Шепро.

Во обраќањето до постојаните воени претставници на Воениот комитет на НАТО, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска рече дека оваа клучна активност на највисокото воено тело на НАТО која се случува денес во Скопје само по себе кажува дека интеграцијата на Македонија во Алијансата веќе добива свој облик и форма.

Јавноста денеска има прилика да види со свои очи дека членството во НАТО веќе не е далечна и недостижна цел. Испуштената шанса во 2008 година ја вративме на маса и одработивме покана и поечeток на пристапни разговори со најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината. Денес, Македонија е домаќин на најстарото постојано тело на Алијансата по Северноатланскиот совет. Ова тело е најважната врска помеѓу политичките одлуки и воената структура на НАТО. Ова е увертира во однос на тоа што значи нашата стратешка цел: Република Македонија да биде на масата на која се одлучува за крупните прашања на денешница. Состанокот е порака дека 29 земји членки се обединети во поддршката да станеме 30 членка на НАТО. Состанокот е симбол, но не е случаен. Честа не ја добивме, туку ја заслуживме со бројните политички реформи и резултати кои ги испорачавме. Република Македонија станува дел од заедницата на напредни држави, и тоа веќе влијае позитивно на нашата безбедност, но и на економијата, инвестициите и квалитетот на живот. Секаде, а особено на Балканот, сигурноста е единствената влезница за просперитет – рече Шекеринска. Евроатлантската иднина на Македонија има големо геополитичко значење и важност и ќе служи како поттик за прогрес на другите земји аспиранти – рече министерката.

Армијата на Република Македонија е одлучна и посветена кон исполнување на критериумите за членство во НАТО. Работевме напорно, придонесувавме кон градење на светскиот мир и борбата против тероризмот и нашата заложба денес, а верувам и утре ќе биде непроменета – полноправно членство во НАТО Алијансата“ кажа меѓу другото началникот на генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во своето обраќање.

Претходно министерката за одбрана, Радмила Шекеринска беше предводник на македонската делегација на средбата со делегацијата на Воениот комитет на НАТО, предводена од заменик претседавачот, генерал потполковник Стивен Шепро која се одржа во Владата на РМ.

За време на состанокот постојаните воени претставници на Воениот Комитет на НАТО, ќе бидат запознаени со достигнатото ниво во реформите и развојот на способностите кои Армијата на Република Македонија ги реализира согласно Стратегискиот одбранбен преглед со цел поефикасна професионалност и подготвеност за исполнување на условите за членство во НАТО Алијансата.

По завршувањето на работниот дел од состанокот, во 16 часот, изјави ќе дадат началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и заменик претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал-потполковник Стивен Шепро, кои дополнително ќе ви ги доставиме.

Ова е прва посета на највисокото воено тело на НАТО, Воениот комитет, на Македонија, во формат на постојана сесија, на покана на министерката Шекеринска упатена до сега веќе поранешниот претседавач на Воениот комитет, генерал Петр Павел кој ја извршуваше оваа функција од средината на 2015 до јуни 2018 година.

Поддршката од Воениот комитет на НАТО во пристапниот процес е значаен од причина што тој е примарен извор на давање воени совети за Северно атлантскиот Совет и на двата стратегиски команданти (Врховниот командант на сојузничките сили во Европа и Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација) и служи како врска меѓу политичките лидери на НАТО и двата стратегиски команданти.

Во текот на утрешниот ден високите воени претставници од ВКН во касарната Илинден, ќе имаат прилика да ја погледаат подготвеноста и дел од опремата на дел од декларираните единици од полкот за специјални операции, средната пешадиска баталјонска група, хеликоптерскиот детачмент, четата на воена полиција, инженерискиот вод и полската болница со улога 2.