26/04/2024
Спорт

Македонија одигра без голови против Романија

Македонската А репрезентација одигра 0-0 против Романија во натпреварот одигран на Националната арена „Тодор Проески“ во рамки на 6. коло од квалификациите за Светското првенство 2022 година. 

Со девет освоени бодови, два помалку од второпласираната Ерменија и бод помалку од Романија, нашата најдобра репрезентација ги задржува шансите за второто место во групата. 

Во првото полувреме, Македонија имаше контрола на играта, постојано вршевме пресинг на половината на противникот и доминиравме во поседот на топка (59-41), но за жал не успеавме да ја погодиме романската мрежа.

Дарко Чурлинов и Тихомир Костадинов во почетните 20-на минути беа во свои шанси да го загрозат голманот Ница, но не успеаја. 

Во 22. минута, Сореску ја имаше најдобрата прилика за романците, но Димитриевски прекрасно интервенираше и спречи погодок во нашата мрежа. 

Елиф Елмас во 34. минута беше во добра позиција да донесе наша предност, но неговиот удар го одбрани Ница, голманот на Романија. 

Во второто полувреме, Македонија прва се закани кон противничкиот гол. Во 48. минута, Енис Барди шутираше од слободен удар, но блокираа гостинските фудбалери. 

Во 51. минута, Елиф Елмас одлично мина двајца романски фудбалери во шеснаесетникот, шутираше откосо, но одбрани Ница. 

Разван Марин во 72. минута од далечина шутираше во рамки на нашиот гол, Димитриевски ја одби топката, а Кордеа од идеална шанса за наша среќа не погоди по одбиената топка. 

Во следните неколку минути, Јаховиќ и Барди, исто така се обидоа од дваесетина метри, но внимателен беше голманот на Романија. 

До крајот од натпреварот, двете селекции одиграа внимателно, двајцата селектори направија вкупно осум замени, но немаше вистинска шанса. 

Македонската репрезентација го освои првиот бод во шестиот квалификациски натпревар во дуелите против Романија. 

МАКЕДОНИЈА: 1. Столе Димитриевски, 6. Висар Муслиу, 14. Дарко Велковски (64` Кире Ристевски), 8. Езѓан Алиоски, 13. Стефан Ристовски (78` Александар Трајковски), 20. Стефан Спировски, 10. Енис Барди (90` Стефан Ашковски), 7. Елиф Елмас, 21. Тихомир Костадинов, 11. Дарко Чурлинов (78` Бобан Николов), 19. Милан Ристовски (65` Адис Јаховиќ); Селектор: Благоја Милевски. 

РОМАНИЈА: Ница, Ратиу, Кирикеш, Неделсеару, Камора, Станчу, Неделку (63` Марин), Цицадлау, Ман, Марковиќ (63` Кордеа), Сореску (74` Марин); Селектор: Мирел Радои.