26/04/2024
Македонија

Мицкоски: СДСМ и владејачкото мнозинство изгласаа закон кој е неуставен, неприменлив и штетен

Интегрален текст од прес конференција на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Денес имаме флагрантно кршење на Уставот и Законaите.

Денес СДСМ, Зоран Заев и владејачкото мнозинство ја поништија волјата на граѓаните.

Овој чекор на СДСМ е само патување кон дното во кое сакаат да не понесат сите нас. И вие добро знаете дека од оваа одлука никој ниту денес ниту утре ќе живее подобро.

Само затоа што две партии меѓу себе се договориле, изгласаа закон кој е неуставен, неприменлив и штетен. Договор меѓу две партии СДСМ и ДУИ, но тоа не е и договор прифатен и одобрен од граѓаните.

Не е погазено само правото, ваквиот чекор на носење на противуставен закон е удар и врз соживотот, некој свесно не втурнува одново во непосакувано сценарио, во кое влогот е Република Македонија.

Држава во кое правото не владее, и не е приоритет, значи и дека е разнишана држава. Беззаконието, станува практика и начин на управување.

На оваа влада најсилен приоритет и стануваат салонските договори штетни за државата, но не и економскиот раст, не и европската иднина.

Власта претходно ги одби и остана нема на сите наши напори да не се донесе овој закон и да се избегне ова сценарио. Ја одби нашата иницијатива преку работни групи да се подобри законското решение и да стане уставно. Одби да се разговара и за поднесените амандмани од страна на ВМРО-ДПМНЕ кои беа наше право и деловничка можност, и на крај ја одбија понудата да обезбедиме парламентарно мнозинство преку нашите пратеници за поддршка на владата, само за да премиерот Заев излезе од уцената и концесијата која ја имал за носење на овој неуставниот закон. Очигледно концесијата е поголема од значењето на државните интереси.  

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери поради флагрантото кршење на Уставот и законите. Ова е закон кој ВМРО-ДПМНЕ нема да го признае.

Дополнително по официјалното објавување во службен весник како партија ќе поднесеме иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на овој неуставен закон. Ќе потсетам Уставниот суд има обврска да ја заштити уставноста во државата.

Ако некој мисли дека ова безредие ќе трае вечно се излажал, но кога ќе заврши многу работи ќе бидат поинаку.

Ќе се почитува државата, Уставот и државните интереси, а злосторниците ќе одговорат за овие злодела.

Македонија е силна, а силата е во народот, граѓаните заслужуваат подобро држава.

ВМРО-ДПМНЕ останува на бедемот на државните интереси, ВМРО-ДПМНЕ останува да биде гласот на народот. ВМРО ја враќа силата и одговорот е народот, кој ќе донесе победа, победа над сите овие неправди и катастрофални политики.