25/04/2024
Спорт

Милевски и Барди: Најважно е ние да бидеме подготвени и да знаеме за што играме

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски и репрезентативецот, Енис Барди на официјалната прес-конференција во пресрет на утрешниот натпревар против Ерменија ги споделија своите очекувања за мечот во Ереван од квалификациите за СП 2023.

Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација: 

– „Сметам дека не очекува одличен натпревар. Двете селекции имаат свои шанси за второто место, а победа е опција и за нас и за Ерменија. Ова ќе биде многу поразличен меч од тој во Скопје. На домашен терен ја имавме доминацијата, но сега очекувам сосема поразличен дуел, отворен на двете страни, затоа што победата е важна за двете селекции“. 

– „Се разбира дека отсуствата поради повреди на играчи од калибар како Адеми и Барди, а сега и Стефан Ристовски, Ракип, Јаховиќ и Николов ни создаваат проблеми. Но, сигурен сум дека сите оние што ќе настапат ќе го дадат максимумот на овој натпревар. Има влијание тој недостаток, особено што не можам да сметам на сите играчи од средниот ред. Македонија е во фаза на создавање на тим и ни треба костурот на селекцијата во наредните четири години. Но, сега не се откажуваме и секоја шанса за тоа второ место ќе се обидеме да ја искористиме“

– „Проблемот со реализацијата е зад нас, секогаш гледаме на следниот предизвик и работиме во тој правец. Сѐ што сме замислиле се надевам дека ќе го пренесеме на терен и ќе направиме сѐ што е во наши можности да победиме. Спортски е да се надеваш дека ќе победиш, за тоа и работиме, но сконцентрирани сме исклучиво на нашата игра и што да направиме на теренот, за сѐ во функција за успех на крајот.

Енис Барди – репрезентативец на Македонија:

– „После Европското првенство сите очекуваат повторно нешто големо, но ние мора да одиме од меч во меч. Со оваа сегашна генерација со новиот селектор со кој долго време се знаеме, а имаме и некои нови играчи, мора да сме трпеливи, зашто секој меч ни носи нешто ново, а ништо негативно, без оглед дали сме победиле или загубиле. А, Македонија досега покажа доста, покажа дека игра за нешто, игра за нешто убаво и игра добро, а не за петто или четврто место. Мислам дека направивме доста многу добри работи и само треба да продолжиме така“. 

– „Веројатно ќе решаваат ситници на утрешниот натпревар. Најважно е ние да сме подготвени и да знаеме што бараме на теренот. Овој меч е многу важен и за нас и за Ерменија. Треба да влеземе на терен со заедништво како никогаш досега и тоа е клуч за победа. Имаме нови фудбалери и треба време за да се вклопиме, но тоа не е некој преголем проблем. Ние сите сме свесни што нѐ очекува и мора да дадеме сѐ од себе. Тоа е најважно“.