Министерот Поповски на Конференцијата „Иднината на медиумите и новинарството во дигиталната ера

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија денеска учествуваше на Конференцијата „Иднината на медиумите и новинарството во дигиталната ера“ организирана во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, од Центарот за развој на медиуми, со поддршка на „Цивика мобилитас“, програмата за поддршка на граѓанското општество, на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Говорејќи за иднината на новинарството и медиумите, министерот Поповски ја акцентираше итноста од целосна посветеност на ова прашање, бидејќи од него зависи дали ќе продолжи да опаѓа квалитетот на новинарството.

„Опаѓањето на квалитетот на новинарството и медиумите и редефинирањето на нивната позиција во општеството, ги загрозуваат човековите права, основните слободи и опстојувањето на демократскиот амбиент, во кој медиумите и новинарството имаат пресудна улога при создавањето услови за формирање на слободно и критичко јавно мислење“, рече Поповски додавајќи дека на автентичните, слободни демократии, им е потребно квалитетно новинарство.

Министерот Поповски се осврна на новата медиумска револуција која дојде преку напредокот на дигиталната технологија, но посочи дека „низ широките порти за добредојде на новата дигитална ера, се протнаа и алгоритмите за евтини или лажни новинарски приказни“.

„Тоа отиде дотаму што вестите почнаа да ги генерираат, внимавајте – генерираат, а не создаваат или пишуваат, ботови и други автоматизирани процеси. И следно, не помалку важно – чуварот на високите професионални и етички стандарди, односно уредникот, се соочи со закани дека ќе замине во историјата“, оцени Поповски кој посочи дека сето ова доведува до поткопување на вредноста и улогата на новинарството и довербата на јавноста во нив.

Поповски посебно се осврна на тоа каква треба да е поврзаноста на одговорните влади за иднината на медиумите и новинарството во дигиталната ера и подвлече дека Владата во која тој партиципира ги разгледува моделите за евентуална поддршка на печатените медиуми, индустрија која доживеа најголем удар од дигиталната револуција.

„Токму затоа Владата на Република Македонија ја прифати поканата да биде дел од новиот Комитет за квалитетно новинарство во дигиталната ера на Директоратот за човекови права и владеење на правото на Советот на Европа. Владата на Република Македонија во подготовките на стратегијата за подготовка препораки за иднината на медиумите и новинарството во дигиталната ера тргнува од ставот дека промените првенствено требаа да се бидат организирани во четири столба: дефинирање на информации од интерес на јавноста како јавно добро, одржливи модели на финансирање за Јавните радиодифузери, етика и градење на довербата сообразени на дигиталната ера и континуираното образование и обука на медиумските професионалци и на медиумска писменост за публиката соодветна на дигиталната ера,“ истакна Поповски.

Тој додаде дека не треба да се отфрла идејата овие модели на финансиска поддршка да можат да се однесуваат и на комерцијалните медиумските компании што системски и во континуитет продуцираат информации од јавен карактер, како и дека за поздравување е и враќањето на препораките за поддршка на локални јавни радиодифузери, односно на така наречените непрофитни медиуми на заедниците.

Според министерот Поповски, за функционална иднина на медиумите и новинарството во дигиталната сфера целосна поддршка заслужува и истражувачкото новинарство како и идејата за вмрежување на локалните или медиумите на заедниците за споделување на содржини од јавен интерес за граѓаните.

„Во амбиент, сеопфатно структуриран според највисоки стандарди, саморегулаторните механизми ќе добијат нов импулс на жив, динамичен инструмент, за заштита од девијациите во сопствените редови, подвлече министерот Поповски. На Конференцијата на која учествуваа новинари, медиумски експерти и претставници на граѓанските организации се зборуваше и за местото што јавниот радиодифузен сервис го има во националниот систем за радиодифузија, неговите законски обврски и обврските во заштитата на интересите на јавноста и граѓаните.

На оваа тема министерот Поповски подвлече дека општ впечаток на Владата, но и на граѓаните на Република Македонија е дека моментално националната телевизија МРТ не ја исполнува нејзината улога и обврска на јавен независен и професионален сервис на граѓаните.

Истовремено, Поповски апелираше да се мобилизираат медиумите и да помогнат со вршење притисок за што побрзо донесување на новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, чиј процес сега е закочен во Собранието од опозицијата.

Присутните се согласија дека овој Закон е еден од клучните закони за реформите во медиумскиот простор, кој се дел од Извештајот на Прибе и групата експерти, како и од листата на итни реформски приоритети подготвени од Европската комисија.