26/04/2024
Македонија

МОРМ: Објавен нов Конкурс за пилоти

Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ денеска објавија конкурс за запишување на осум слушатели на стручно оспособување и усовршување на родот авијација.

Ги повикуваме сите млади граѓани на Република Македонија кои имаат завршено високо образование, не се постари од 28 години и сакаат да бидат идните воени пилоти во Армијата на Република Македонија, да ги достават своите апликации со потребните документи од денеска, најдоцна до 26 октомври.

При приемот предвид се зема успехот на кандидатите од завршеното високо образование и проверките за физичка подготвеност.

Натамошната селекција се состои од проверка на познавање на англискиот јазик, здравствени проверки и селекција на земја и во воздух која се врши во Центарот за обука на пилоти, кој претставува еден од најусовршените центри за обука на пилоти во регионот.

Конкурсот може да се најде во дневните весници во Република Македонија, како и на веб-страниците на Министерството за одбрана, www.morm.gov.mk и Воената академија, www.ma.edu.mk.

Овој конкурс отвора уникатна можност за секој млад граѓанин на Македонија да ги тестира своите можности, капацитети и знаење и да биде воен пилот во Армијата на Република Македонија.

Центарот за обука на пилоти изведува обука за пилоти по најсовремени методи и во одлични услови. Обуката е поделена во три фази – основна пилотска обука за летање на авион, основна пилотска обука за летање на хеликоптер и напредна пилотска обука за летање на хеликоптер. Обуката е во времетраење од 19 месеци, по што новите пилоти добиваат „летечки знак“, звање пилот и стануваат офицери во Армијата на Република Македонија.