08/12/2024
Македонија

МТСП: Изгласан е Законот за спречување и заштита од дискриминација, градиме општество со еднакви права за сите

Во пресрет на Меѓународниот ден против хомофобијата вчера во Собранието нa Република Северна Македонија по втор пат беше изгласан Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој стапува на сила веднаш по потпишувањето од Претседателот на државата.

Со овој Закон градиме општество со еднакви права за сите и овозможуваме еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија. Основа за донесување на овој Закон е Уставот на Република Северна Македонија , во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.

Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex generalis, односно не ја уредува детално секоја област на која се однесува. Во новиот Закон се вклучени општи одредби, кои подетално се уредуваат во посебни закони. Законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.

Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обеднитетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права.

На иницијатива и со поддршка на Министерството за труд и социјална политика Буџетот на Комисијата за заштита од дискриминација за 2019 година е зголемен од 6.652 милиони денари на 15.138 милиони денари. Буџетот е зголемен со цел спроведување на новите надлежности на Комисијата предвидени со новиот закон. Согласно со новиот Закон за спречување и заштита о дискриминација, во рок од 3 месеци по неговото влегување во сила Собранието треба да направи избор на новата Комисија за заштита од дискриминација. Истовремено со новиот закон се предвидува формирање и на стручна служба.

МТСП го честита на сите граѓани и граѓанки Меѓународниот ден против хомофобијата, како и историскиот успех кој го постигнавме денеска – носење законско решение кое овозможува еднаква заштита и еднакви права за сите.