08/12/2024
Македонија

МЗШВ и ФИТР го промовираа Јавниот повик за стартапи за дигитализација на земјоделството

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) Трајан Димковски и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров денеска го објавија новиот јавен повик – Предизвик за Дигитализација на земјоделството, наменет за проекти на стартапи од земјоделскиот сектор, со кои на земјоделците ќе им се олесни пристапот до дигиталните технологии и ќе придонесе кон поефикасно и поодржливо земјоделство. Предизвикот го спроведува ФИТР во партнерство со МЗШВ и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) финансирана од Швајцарската Агенција за развој и соработка. 

„Во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, во делот за иновациска дејност, секоја година се одвојува 1% од вкупната вредност на Програмата за започнување на бизниси во руралните средини со воведување на иновации во земјоделството. Да ги повикаме сите особено од ИТ секторот да аплицираат за да може да се види практичната примена на новите технологии, па да зборуваме за паметно земјоделство, дигитално земјоделство, прецизно земјоделство, кое кај нас има пионерски чекори.

Но со ваквиот Јавен повик, ќе се овозможи преку нови технологии да создаваме поголема конкурентност на домашното производство “ – изјави заменик министерот Трајан Димковски и додаде дека дигитализацијата на земјоделско производство има широка примена во овој сектор, со кој земјоделското производство ќе се модернизира и ќе се намалат производствените трошоци, а примената на дигиталната технологија, користењето на софтверски решенија за контрола на влага во почвата, температура и влажност на воздухот, светлина и сите други услови потребни за правилен раст на растенијата, значително ќе го олеснат земјоделското производство.

На Предизвикот ќе можат да аплицираат сите напредни стартап компании кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ или услуга, кој ќе придонесе кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување на одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор. 

„Поттикнуваме инвестиции за создавање на подобри услови кои ќе го унапредат развојот на земјоделскиот сектор, бидејќи силно верувам дека иднината е во имплементирање на современи и иновативни технолошки решенија. Очекуваме предлог-проекти со кои ќе направиме големо олеснување за земјоделците, донесување на правилни и навремени одлуки што ќе резултира со поголем успех во одгледувањето на земјоделските култури, поголема продуктивност и повисоки приходи.” изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.  Тој додаде  и дека пандемијата предизвикана од ковид кризата повеќе од кога било  покажа потреба земјоделците да инвестираат во дигиталното земјоделство за да ја подобрат својата одржливост и да се опорават од влијанието на епидемијата. 

За финансирање на проекти во рамките на овој повик, обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 денари.  За поединечен предлог проект, ФИТР обезбедува финансирање до 90% од вкупниот буџет, во максимален износ од 1.500.000 денари. Корисникот треба да обезбеди минимум 10% од вкупниот буџет на проектот.

Преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), на апликантите и идните корисници ќе  бидат обезбедени менторска поддршка и поддршка во однос на комерцијализација на иновациите. 

Со цел поголема поддршка на стартапите при подготовка на предлог проектите, за времетраење на повикот, ФИТР ќе организира инфо-настани, бесплатна техничка помош од експерти и менторски работилници. Рокот за аплицирање на Предизвикот е до 16.04.2021 година. Сите дополнителни информации можат да се добијат на: https://fitr.mk/agrodigital/ 

МЗШВ и ФИТР продолжуваат да креираат политики и нови начини за модернизација на земјоделското производство.