28/04/2024
Охрид

„На зајдисонце“ во Трпејца по 12-ти пат

Под покровителство на Општина Охрид и во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“, вчеравечер во Трпејца започна 12. издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.

На свеченото отворање, пред присутните гости се обрати заменик градоначалникот, Перчо Божиновски.

Искрено се радувам и навистина сум почестен што повторно имам можност да бидам овде помеѓу вас, да ве поздравам и да го означам почетокот на 12-то издание на традиционалната културно-забавна манифестација, која ги надополнува летните убавини на оваа уникатна крајбрежна населба.

Зајдисонцето над Охридското Езеро токму овде во Трпејца е секојдневен природен спектакл и предизвикува силно воодушевување кај сите посетителиКога сонцето почнува да тоне во прегратките на планинскиот хоризонт, небесниот свод постепено се пелева во живописна палета на бои. Езерската вода започнува да лебди во неверојатни нијанси на портокалова, розова и пурпурна боја и претставува вистинско уметничко дело.

Сите овие неописливи пејзажи, кои ве опиваат со својата убавина, се надополнети со аромата на недопреното зеленило и свежото ветре кое ве милува по образите. Секое дрвосекој камен, секој езерски бран, изгледаат волшебно и чиниш се излезени од најубавите соништа. Едноставно, на брегот, овде во Трпејца, чувствувате како да сте сплотени со природата, а мирот и спокојството го имаат исполнето вашето битие.

Почитувани,

Како и секоја година, така и оваа, очекувам културно-забавното лето „На зајдисонце во Трпејца да понуди креативна сценска програма испреплетена со низа спортски и едукативни содржини, кои ќе го привлечат вниманието на гостите.

Од мое лично име и од името на Општина Охрид би сакал да упатам благодарност до организаторите за целиот досегашен труд и посветеност да го одржат континуитетот на оваа манифестација, со надеж дека истата ќе продолжи да се одржува и во иднина. Ние секогаш ќе бидеме подготвени да ги поддржиме и да ги стимулираме вакви проекти, кои го промовираат богатството и туристичките потенцијали на охридскиот регион.

Ви посакувам успешно издание и пријатни мигови во рамки на сите настани од предвидената програма. Уживајте во зајдисонцето, истакна Божиновски во своето обраќање.

На првиот ден од манифестацијата, присутните имаа можност да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија која се одржува во Трпејца, а свој музички настап имаа Влатко Броз и диџеј Марама.


WebOhrid / 21.07.2023 / Општина Охрид