26/04/2024
Охрид

Најавена празничната манифестација „Од 20 до 20 Сите во Охрид“

Денес се одржа прес-конференција на која беше најавена манифестацијата „Од 20 до 20 СИТЕ ВО ОХРИД“, со која ќе бидат опфатени празнувањата за Нова година, Божик, Василица и Водици. 

Манифестацијата ја најави градоначалникот Јован Стојаноски, кој истакна дека идејата е да се изгради манифестација која ќе носи сопствен печат, ќе трае цел месец и ќе се надоградува секоја година.

„Основната интенција на оваа акција е да го опфати еден од најатрактивните периоди којшто претстои пред нас во текот на годината, а тоа е прославата на новогодишните празници, но вршиме и едно проширување на прославата, така што овој мини-проект ќе ги опфати и празниците коишто следуваат Божик, Стара нова година и секако Водици, кои се од исклучително значење на целокупната охридска заедница и претставуваат еден своевиден симбол со кој Охрид се претставува и претставува различен град од останатите во Р.Македонија. Идејата ни беше да изградиме една манифестација која ќе носи еден сопствен печат, кој традиционално ќе се одржува во наредните години, секако ќе се надоградува секоја година, а ќе трае цел месец, од 20-ти декември до 20-ти јануари и ги опфаќа сите празници кои ги споменав. Главниот дел од настаните ќе се одвива на посебно уредени простори во центарот на градот, но и на неколку различни сцени, и со тоа сакаме на целокупното централно градско подрачје да дадеме еден поинаков белег на одбележување на новоогодишните празници, да ја збогатиме содржината во одбележувањето, а секако да не претставува пречка, туку да биде поддршка за локалните угостителски објекти.“ – изјави градоначалникот Стојаноски.

Како што кажа градоначалникот, ова е само 20% од целиот проект. Поради краткиот период за подготовки, програмата дополнително ќе биде објавена.

„Основната причина заради која што не го реализиравме целокупниот проект до крај за оваа година е заради поместените локални избори и преземањето на Локалната самоуправа во еден незгоден период и заради тоа затекнавме една ситуација во која што веќе се потрошени буџетските средства, веќе имаме завршени постапки за објавување на јавни тендери. Заради тоа Општината издвои онолку средства колку што можеше во овој момент, за да имаме едно ново претставување, ново прославување на новогодишните празници и на таков начин Охрид да започне да креира една нова понуда, која би значело и проширување на туристичката сезона пред и по Нова година, а всушност поврзување на сите овие празници кои што се во градот. На одговорните кои што работат на овој проект им честитам што се трудат на ваков начин да воспостават еден нов бренд на Охрид, кој што ќе биде секако препознатлив и сето ова е направено во соработка со локалната бизнис заедница, посебно со угостителите и хотелиерите, за Охрид да има многу повеќе туристи за новогодишните празници.“ – додаде градоначалникот Стојаноски.

Супер радио ќе биде партнер на овој проект. 

„Она што е планирано во заедничка организација со одделението во Општина Охрид кое што се занимава со овие работи е сето ова да добие една поголема масовност, но на територијата на поширокиот централен дел на Охрид. Идејата е да имаме неколку стејџови, неколку сцени од кои што две ќе имаме во центарот на градот. Таму веќе има поставено една куќичка, во која ќе се одвиваат анимациите со помалите дечиња, таму ќе има подароци за нив, скоро секојдневна детска програма. Таму ќе е и големата сцена на која што ќе се музичките имиња. Ова зад нас е „Чоколадната улица“, која ќе има тезги, чадорите се веќе поставени, тоа ќе биде интимно парче од градот кое што мислам дека ќе му донесе нов квалитет на овој дел. Како посебни сцени се и поранешната стара библиотека, тоа е еден многу убав простор, податлив за такви работи. Еден настан ќе имаме кај фонтаната кај Мини-маркет, и таму  треба да има една театарска претстава, со што мислиме дека ќе се направи еден многу убав квалитет. Основната замисла е да не бидат само тие три дена околу Нова година и тука се да заврши, тоа беше и првичната замисла на овој цел проект „Од 20-ти до 20-ти сите во Охрид“. Соработката со угостителите е од исклучителна важност. Јас би ги повикал за она што се подготвува и за следната година, тие активно да земат учество, затоа што најголемиот дел од добивката ќе биде токму за нив. Музичката програма ќе биде богата, а тоа ќе биде соопштено деновиве. Предвидено е да има промоции на книги, театарски претстави и стандардно музичкиот дел, забава за децата. Сме на праг да се направи една многу убава традиција, која се надевам дека ќе прерасне во една целогодишна програма, а се разбира околу Нова година ќе си има посебен акцент.“ – изјави Сашо Митаноски, сопственик на Супер радио.

WebOhrid