26/04/2024
Македонија

НАТО Алијансата е подготвена да ја пречека Македонија да биде 30-та земја членка

„Го ценам партнерството со вашата земја. За неколку недели ќе имате референдум на кој ќе одлучите дали ќе се приклучите на меѓународната заедница и на НАТО. Останува на граѓаните да одлучат, ние сме подготвени да ве пречекаме како 30. членка на Алијансата“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги посети армиските специјалци во касарната „Илинден“.

Пред министерката Шекеринска и генералниот секретар Столтенберг припадниците на Полкот за специјални операции изведоа две показни вежби, а прикажаа и дел од боречките вештини.

Министерката Шекеринска потсети дека повеќе од 4.000 припадници на нашата армија учествуваа во различни мисии предводени од НАТО во изминатите години.

„Секој припадник на Армијата на Република Македонија кој во изминатиот период учествуваше на различни НАТО предводени мисии беше аргумент плус во полза на нашето членство во НАТО. Дозволете ми уште еднаш да им оддадам признание на сите тие припадници на Армијата која што беше постојан тивок, но многу видлив и признаен дипломат кој што лобираше Македонија да стане членка на НАТО. Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана го гледаат членството на Македонија во НАТО како свој врвен приоритет. На 30 септември, граѓаните на Република Македонија убедена сум дека ќе не поддржат во станувањето на 30. членка на НАТО алијансата“, рече Шекеринска.

Генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг рече дека војниците на АРМ  се добро обучени, и подготвени да бидат дел од тешки операции и напори за стабилизација во многу места во светот. Тој се заблагодари за нивното учество во мисиите на НАТО и рече дека членството на Македонија во Алијансата ќе биде предност за НАТО.

„Сите 29 сојузници, на самитот во јули одлучија да ве поканат да станете полноправен член и да ги започнете пристапните разговори. Ние сме посветени, но вие морате да го имплементирате Договорот  за да станете полноправен член и да ги завршиме пристапните разговори. Кога ќе ги видам војниците зад мене, за мене е уште поочигледно дека ќе биде предност и за оваа земја и за НАТО да ве имаме вас како полноправен член“, рече Столтенберг.