Нова опрема за брза и прецизна молекуларна детекција на респираторни вируси и бактерии во Центарот за јавно здравје Охрид
Центар за јавно здравје Охрид продолжува посветено да се грижи за здравјето на пациентите, вложувајќи во нови дијагностички методи за микробиолошка анализа на хуман материјал, во согласност со светските трендови и стандарди.
После воспоставувањето и примената на целосно авотматизиран систем на PCR-real time детекција и определување на 14 високоризични типови на Human Papiloma Virus (HPV) и Chlamydia trachomatis, во Центарот за јавно здравје Охрид е набавена и инсталирана нова опрема за брза и прецизна молекуларна детекција на респираторни вируси и бактерии.
Во екот на сезона со респираторни инфекции и грипови во микробиолошката лабораторија на Центар за јавно здравје Охрид започнува тестирање на молекуларно ниво со Multiplex RT – PCR технологија, на вирусни и бактериски причинители на респираторни инфекции.
За разлика од имунолошките техники базирани на детекција на антитела, кои се развиваат после одреден период (7 дена) по инфекцијата, молекуларната технологија која се применува е погодна за детекција на акутни состојби на инфекција.
На InGenius се тестираат назофарингеален брис, орофарингеален брис и спутум, при што за само неколку часа се добиваат резултати за горно и долно респираторни инфекции предизвикани од вирусите SARS-CoV-2, Influenza A, Influenza B, Respiratory Syncytial Virus (RSV), бактериите Mycoplasma pneumoniae, Chlamydia Pneumoniae, Legionella pneumophilla.
Токму овие атипични бактерии (микроорганизми) може да предизвикаат пневмонија, уште наречена и атипична пневмонија.
Како и досега, Центарот за јавно здравје Охрид останува на основната заложба и посветеност за овозможување на висококвалитетна и професионална здравствена услуга со цел да се одговори на потребите на сите пациенти и лекари, за брзо, точно, успешно и ефикасно дијагностицирање и следење на различни состојби, што води кон унапредување на здравјето на пациентите.
WebOhrid / 18.03.2024 / Центар за јавно здравје Охрид