28/04/2024
Охрид

Ново товарно возило за ЈП Водовод

Преку проектот „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“, одобрен од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а реализиран од Центарот за развој на Југозападниот плански регион во партнерство со Општина Охрид, денес на ЈП „Водовод“  му беше предадено ново товарно возило. На настанот присуствуваше градоначалникот Кирил Пецаков, кој во оваа прилика истакна:

– Општина Охрид континуирано работи во насока на подобрување на условите во Јавните комунални претпријатија и овозможува поголема ефикасност во работењето. Само во текот на оваа година инвестиравме значителни средства во набавка на опрема и обезбедивме повисок квалитет на услугите за граѓаните.

Новото возило се очекува да придонесе за подобра ефикасност на Секторот за водоснабдителни објекти, производство и третман на вода за пиење во ЈП „Водовод“.  Ќе се обезбеди поефикасно и поекономично извршување на работните обврски, потребите за транспорт на вработените, пропратниот алат и полесните градежни машини до местото каде е потребно да се вршат одредени интервенции, како и за одведување на ископаниот материјал од градилиштето до депонија за градежен шут.

Би сакал да упатам благодарност до Центарот за развој на југозападниот плански регион за соработката на проектот за подобрување на капацитетите на општинските претпријатија, преку кој обезбедивме опрема за ЈП Водовод, Охридски Комуналец и Нискоградба во вкупен износ  од 7,5 милиони денари. Овој проект општина Охрид и финансиски го поддржа издвојувајќи значаен износ на средства од буџетот на општината.

Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме да работиме на имплементација на уште многу значајни проекти во Охрид и сите населени места во општината.

Новото товарно возило е камион кипер – марка ИСУЗУ и се очекува да придонесе за поголема ефикасност на Секторот за водоснабдителни објекти, производство и третман на вода за пиење во ЈП „Водовод“.

Директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион Мирјана Лозаноска, истакна дека вкупната вредност на проектот е 8,1 милион денари од кои, 1 400 000 денари се сопствено учество на Општина Охрид, додека остатокот е од Програмата за рамномерен регионален развој 2022/2023 година преку Бирото за регионален развој.

Директор ЈП „Водовод“ Марјан Ристески, истакна дека после пет-шест години се набавува прво вакво возило за потребите на претпријатието и изрази надеж дека и во иднина ќе има уште вакви проекти во соработка со Општината и Бирото за регионален развој.


WebOhrid / 13.07.2023 / Општина Охрид