27/04/2024
Македонија

Обука „Правната заштита од дискриминација и права од работен однос“

Во организација на Секцијата на жени на Македонскиот полициски синдикат на 15.03.2021 година се одржа обука на тема „Правната заштита од дискриминација и права од работен однос“. Обуката беше спроведена од страна на претставници од Македонското здружение на млади правници.

На настанот присуствуваше и обраќање имаше државната секретарка м-р Магдалена Несторовска, која се осврна на родовите стереотипи, особено во однос на капацитетите и можностите на жените при извршување на секојдневните полициските работи. Укажа дека еден од најчестите проблеми кога се работи за дискриминација на работното место во полицијата е како да се идентификува, односно препознае дискриминацијата. Ја нагласи вредноста на ваквите обуки кои ќе овозможат полесно да се препознае дискриминацијата, како и да се осознаат механизмите за заштитата на правата од работен однос.

Во рамки на меѓународна синдикална соработка, на настанот присуствуваа претседателот на Македонскиот полициски синдикат д-р Марјан Кицев, како и претседателката на Синдикатот на полицијата на Република Косово Валбона Камбери.