28/04/2024
Македонија

Од понеделник започнува исплатата на средства за субвенциониран студентски оброк

Со стартот на новата академска 2023-2024 година во понеделник, студентите кои ги исполниле условите на јавниот повик започнуваат со користење на правото на субвенциониран студентски оброк. Со зголемен износ од 140 денари, кој ќе се исплаќа на дневна основа, студентите ќе можат да купуваат во маркети, ресторани, пекарници и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Средствата ќе можат да се користат исклучиво преку наменската платежна картичка која ја издава Шпаркасе банка, партнер во спроведувањето на оваа мерка со кого Министерството за образование и наука има  склучено нефинансиски договор. Дневниот паричен надомест се користи од понеделник до сабота, а не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври.

Измените на законското решение кои беа иницирани и направени во текот на месец април, заедно со студентските организации, ги надминуваат сите предизвици кои постоеја во минатото, овозможуваат правична распределба и искористување на средствата за намената за која и всушност државата ги предвидува.

МОН потсетува дека можноста за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите студенти кои досега поради било какви причини не го оствариле ова право, останува отворена секој нареден месец, од први до седми во месецот, а аплицирањето се спроведува преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.