28/04/2024
Охрид

Одбележан патрониот празник на ООУ „Живко Чинго“ Велгошти

Со свечена прослава, вечерва во преполната Спортска сала „Тодор Александров“, ООУ „Живко Чинго“ од Велгошти го одбележа патрониот празник на училиштето.

Пред присутните се обрати директорката на ООУ „Живко Чинго“, Љубица Ангелоска Кркачоска, која најпрво им посака срдечно добредојде на сите присутни во салата.

„Чествувањето на Патронот е потсетување на дел од нашето минато, сегашност и иднина. Со одбележувањето на нашиот Патрон ние го одбележуваме и постојаниот растеж на нашето училиште. Токму тоа ќе биде домот каде секогаш со задоволство ќе се враќаме. Многумина од нас тука ги стекнале корените на тоа што денес се успешни луѓе со успешна кариера. Наша задача е традицијата да ја зачуваме и пренесеме на идните генерации како нешто свето, како жив оган, како Големата вода на Живко Чинго. Почитувани, вложувањето во нашите ученици е најдобрата инвестиција за наша подобра иднина. Како што Живко Чинго преку неговото мајсторство на народен раскажувач, ги меша сегашноста и минатото, за да докаже дека тоа што е постојано во нас не е завршено и исчезнато преку ноќ. Така и нашите наставници, преку своите ученици продолжуваат да ја негуваат традицијата, да создаваат нови и напредни кадри. Особено сме горди што го носиме името на Живко Чинго, затоа што преку неговото творештво и постоење оставен е неизбришлив белег во македонската книжевност. Затоа што тој никогаш не се двоумел и покрај многубројните морални и творечки дилеми на сегашноста и минатото. Засекогаш ќе остане сиромав оној писател што ќе замижи пред сегашноста, но најголема казна ќе падне врз лицето на најталентираниот автор, ако рамнодушно се однесува кон своето време, а Живко Чинго не останал рамнодушен, нема да сме и ние, сите заедно, наставници, ученици и родители. Да шириме љубов, да се гордееме со достигнувањата, културата, идентитетот, сакајќи го и ценејќи го својот македонски јазик, како и убавините на нашата татковина Македонија, а образованието и воспитувањето на нашите ученици да ни биде основна цел. Нека ни е за многу години денот, честит и вековит патронен празник.“ – рече Ангелоска Кркачоска, во својот говор пред присутните.

Директорката Ангелоска Кркачоска, на најуспешните ученици им додели награди.

Во продолжение на прославата следуваше богата програма во изведба на учениците од ООУ „Живко Чинго“ – Велгошти.

Претходно, делегација од училиштето, како и делегација од Општина Охрид положија свежо цвеќе пред бистата на Живко Чинго во училишниот двор.


WebOhrid / 20.03.2024