Одржан завршниот настан од хуманитарната акција „Волшебна елка“

Волшебна елка, волшебни лампиони, волшебна забава, волшебно дружење и волшебни насмевки на лицата од дечињата и сето тоа како препознатлив знак на завршниот настан од хуманитарната акција ВОЛШЕБНА ЕЛКА, кој денес се одржа во комплексот на KAM Village.

Благодарение на голем број хумани наши сограѓани, институции, здруженија, поединци, кои се вклучија во оваа хуманитарна акција, преку 70 дечиња кои живеат во социјален ризик од Охрид и Дебрца, денес се израдуваа на подароците и исполнување на новогодишните желби.

Волшебството на овој настан го надополнаа настапите на детскиот хор Бамбино под раководство на професорката Снеже Попова, настапите на учениците од второ, четврто и шесто одделение во ООУ Ванчо Николески, Лескоец, под менторство на наставничките Марија Крцоска, Марјана Крстаноска, Жаклина Трипуноска, Биљана Петреска и Емилија Блажеска.

И секако креативните и неуморни реализатори на целата хуманитарна акција и овој завршен настан беа волонтерите на Црвен крст Охрид во партнерство со KAM Village.

Црвениот крст изразува благодарност до сите основни училишта во Охрид и Дебрца за соработката и благодарност за учеството во оваа акција на сите поединци, институции, здруженија.


WebOhrid / 24.12.2022 / Црвен крст Охрид