Одржана седница на Советот за развој на капитал
Денес се одржа седница на Советот за развој на капитал, со кој претседава министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, а во кој членуваат гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерката без ресор, Зорица Апостолска, министерот за економија, Крешник Бектеши, претседателите и директорите на регулаторните тела – Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супревизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Македонска берза.
На седницата, која воедно е и прва на која учествуваше гувернерката Ангеловска-Бежоска, се дискутираше за повеќе прашања, вклучително и за активностите поврзани со влезот во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и за можностите за воведување на концепт на прибирање на средства од поголем број инвеститори за финансирање на компании (т.н. „crowdfunding“). Притоа беше одбележано дека искуствата во други земји упатуваат кон констатација дека примената на овој начин на финансирање би придонела за поголем и полесен пристап до капитал за малите и средни претпријатија, особено за стартапите.