Охрид домаќин на Европскиот Куп во Параглајдинг

Од денеска до недела Охрид ќе биде домаќин на Европскиот Куп во Параглајдинг – дициплина прецизно слетување. Настанот од највисок натпреварувачки ранг е организиран од страна на FlyOhrid и Воздухопловната Федерација на Македонија со поддршка на Општина Охрид.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека е горд што нашиот град за прв пат е домаќин на ваква манифестација и тоа што поседува потецијал за развој на параглајдингот како спортска дисциплина.

Бројката од над 50 пријавени учесници од неколку европски земји, кои викендов ќе полетуваат од падините на планината Галичица и ќе слетуваат на градскиот стадион во Охрид е показател дека се работи за атрактивен спортски настан, кој ќе овозможи неповторливо уживање за сите љубители на спортот. Ова е еден од најубавите предели во нашата држава, со прекрасни пејзажи на Охридското Езеро и впечатливи панорами на градот Охрид, во кои е испреплетено уникатно природно и културно богатство. Поради тоа сум уверен дека натпреварувачите ќе имаат едно незаборавно искуство, кое долго ќе го паметат. Охридската локална самоуправа и јас како градоначалник секогаш ќе бидеме подготвени за соработка и поддршка на вакви настани кои можат да дадат значителен придонес во развојот на Охрид како интересна дестинација за алтернативен туризам, истакна градоначалникот Пецаков.

Тој упати покана до сите охриѓани и гости кои за првомајските празници ќе престојуваат во Охрид, да го проследат европскиот куп и одблиску да се запознаат со вештините и магијата на летањето.

Според програмата предвиден е еден ден за тренинг и три натпреварувачки денови, а летовите ќе се одвиваат од 9 часот наутро до 18  часот .

Европски Куп во Параглајдинг носи поени за светскиот ранкинг листа при Светската Воздухопловна федерација ФАИ и е дел од Европската Лига како еден од 5 натпревари оваа година низ Европа.


WebOhrid / 28.04.2022 / Општина Охрид