28/04/2024
Охрид

Општина Охрид: Граѓаните многу добро знаат кој работи, а кој пишува празни соопштенија и креира лажни вести

Општина Охрид испрати реакција до медиумите за соопштението од ОО СДСМ Охрид во врска со инвестициите во детски и спортски игралишта.

„Смешни се и во најмала рака несериозни се сите празни соопштенија на ОО СДСМ Охрид, во кои се прозива оваа Локална власт, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков и воопшто не се вредни за коментирање или одговор. Но денешното соопштение во кое за ситни политички поени се злоупотребуваат интересите на децата, го достигна врвот на неинформираност и дезорентираност на партиските писатели и нарачатели. Токму затоа во интерес на јавноста, со задоволство ќе одговориме на поставените прашања.

„За вистински можности за правилен раст и развој на децата“ е парола која е основен мотив на сите реализирани инвестиции и проекти посветени на најмладите во нашата општина. Доказ за тоа е реконструкцијата и изградбата на 18 детски и повеќенаменски спортски игралишта со кои во голема мера е придонесено за подобрување на условите за рекреација и спортување во речиси сите населби и населени места на територија на општината.

Во изминатите две години, подобрени се условите за рекреација на најмладите во населбите „Далјан“, „Рача“, „Гоце Делчев“ и „Лагадин“, на улиците „Крали Марко“, „Јане Сандански“, „Даме Груев“, во селата Пештани, Подмоље, Долно и Горно Лакочереј, во ООУ „Живко Чинго“ во Велгошти, во ООУ „Свети Климент Охридски“, ООУ „Братство“-Лескајца, во ООУ „Христо Узунов“, а во тек се работни активности за реконструкција на детски и спортски игралишта во селата Елшани и Косел и на улица „Карпош Војвода“.

Оваа локална власт со несмалено темпо продолжува и во иднина да инвестира во сите сфери на живеењето во Општина Охрид, а детскиот развој останува еден од најзначајните приоритети.

Драги господа од СДСМ аплаузите за реализираните проекти и остварените ветувања не ги очекуваме од вас, ги очекуваме од граѓаните, кои многу добро знаат кој работи, а кој пишува празни соопштенија и креира лажни вести.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.


WebOhrid / 30.10.2023 / Општина Охрид