29/04/2024
Охрид

Останаа уште два дена од „На зајдисонце“ во Трпејца

Од осмото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца остaнаа уште два дена.

Вчера се одржа традиционалниот натпревар во фаjчање риба на јадица и започна дводневната работилница за модерен танц. Главен настан беше настапот на атрактивните и одлични забавувачи – брачната двојка Стефани Стефановска – Мурат и Денис Мурат. Со изборот на музиката и интерпретацијата тие ја освоија публиката и ја кренаа на нозе. Стефани и Денис во Трпејца не се прв пат, настапија и лани на отворањето на истата манифестација, а велат дека чекаат покани и за идните лета. Годинава беа во придружба на месец и пол возрасниот син Каин, за кого велат дека ќе биде идниот тапанар и дел од нивните дружби со музиката. 

На Каин не му пречеше гласната музика и спиеше, му годеше трпејчката клима. Задолжени да го чуваат беа неговите баба и дедо Сузана и Бране Стефановски – новинари по професија и истовремено музички потковани. 

Денеска се одржа традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“, вечерва од 20 и 30 ќе биде настапот на посетителите на Работилницата за модерен танц во организација на студиото „Соната“од Охрид. 

Утре, манифестацијата „На зајдисонце“ ќе биде заокружена со традиционалната прошетка низ Националниот парк Галичица и концертот на фолк групата САРАЈ од Охрид, закажан во 20 и 30 часот.