29/03/2024
Охрид

Отворен ден во Центарот за компјутерски обуки на Семос Едукација и Лиго Дигитал

Денес се одржува отворен ден во просториите на Центарот за компјутерски обуки на Семос Едукација и Лиго Дигитал, кој е лоциран во мини базарот на „Гранит“, наспроти ОУ „Григор Прличев“.

Отворениот ден е можност слушателите на компјутерските курсеви и заинтересираните да се запознаат со програмата и содржината на обуките, предавачите и можностите за сертифицирање на здобиените знаења.

„Семос Едукација после 22 години постоење во Скопје, за прв пат отвара свој центар во соработка со Лиго центар нашите партнери во Охрид. Ние сме со намера помалку или повеќе целосната програма на курсеви која што ја имаме во Скопје да ги држиме тие часови исто така во Охрид. Најпрво започнуваме со детскиот едукативен центар со курсевите за деца кои се наменети за возраст од 8 до 15 години. Имаме поголем избор на курсеви, меѓутоа започнуваме со четири: Основи на ИТ вештини, Фотошоп, Програмирање во C++ и веб-дизајн HTML за понатака да продолжат на други курсеви, а исто така за брзо време ќе започнеме со обуки за возрасни. Да напоменам дека Семос Едукација во своето 22 годишно постоење е Microsoft Gold Learning Partner, тоа е највисок статус што може еден Центар за едукација да го има со Microsoft како соработник, Cisco авторизиран тренинг центар, Oracle авторизиран тренинг ццентар, Adobe авторизиран тренинг центар, Autodesk, EC-Council, скоро со најголем број на светски вендори од областа на ИТ технологијата, значи ние сме авторизиран тренинг центар и на некој начин и лидери во областа на ИТ едукацијата.“ – изјави за WebOhrid, Наташа Ристеска Тодороска – раководител на детскиот едукативен центар во Семос Едукација.

Како што напомена Ристеска Тодороска, детските курсеви започнуваат сега, веќе се формирани 3 групи, а во текот на оваа недела ќе започнат и часовите.

„Ги повикувам сите дечиња кои што се заинтересирани да слушаат курсеви од различни области, да ни се обратат, да им објасниме што и како, за да можат да се вклучат во нашата едукација. Интерес постои, веќе започнуваме со три курсеви за деца, а паралелно постои и интерес за возрасни.“ – додаде Ристеска Тодороска.

Таа се надева дека со квалитетот на настава кој што ќе биде ист како во Скопје, заедно со тренинг партнерот Лиго центар, ќе се привлече уште поголемо внимание кај граѓаните од Охрид.

WebOhrid