12/11/2024
Македонија

Отворен павилјонот на Северна Македонија на годинашното Биенале во Венеција со перформансот „Црвена дискусија“ на Нада Прља

Во рамките на 58-та една од најзначајните меѓународни манифестации за визуелни уметности, Биеналето во Венеција, беше отворен и павилјонот на Северна Македонија со проектот Субверзија во црвено на уметницата Нада Прља во Палацо Рота Иванчиќ со перформативното уметничко дело „Црвена дискусија“.

Учеството на Република Северна Македонија на годинашното Биенале го прогласија за отворено Мира Гаќина директор на Музејот на современата уметност (МСУ), кој оваа година е носител на нашиот настап, Јованка Попова куратор на изложбата, со пригодни поздравни говори на Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија и Роберт Алаѓозоски, национален координатор за култура.

Како одговор на темата „Да живеете во интересно време“, избрана од кураторот на годинашното Биенале Ралф Ругоф, проектот на Нада Прља „Субверзија во црвено“ поттикнува враќање кон „заборавените“ идеи за идеализмот и идеологијата, како вид на мотивација за современото општество.

Проектот користи различни уметнички и не-уметнички методологии, вклучувајќи ја Црвената дискусија II, експериментален настан во живо со неколку современи мислители и куратори ангажирани во трансформативни практики, меѓу кои Чарлс Еше, Маурицио Лазарато, Влад Морариу (модератор), Шантал Муф, Лаура Раикович, Артан Садику, кои заеднички ќе се обидат да најдат излезни стратегии од сегашните услови на социјална несигурност и експлоатација, преку дефинирање на алтернативни услови за „интересното време“ во кое живееме.

Изложбата ја вклучува и инсталацијата „Суптилна субверзија“, инсталација која редефинира серија на историско значајни уметнички дела од 1960-тите од колекцијата на МСУ Скопје, колекција заснована на концептот на Солидарност, како еден од клучните постулати на левичарската мисла и клучна аспирација на овој проект.