26/04/2024
Охрид

Пецаков: Незаконски именуваните и поставени лица во најкраток можен рок да си поднесат оставка

СДС и понатаму продолжува со противзаконското работење, брутално го крши законот и врши криминал со незаконското разрешување и именување. Советот на општина Охрид, на седницата, одржана на ден 21.12.2017 година, спротивно на одредбите од „Законот за јавните претпријатија“ именуваше членови на управните и надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење на јавните претпријатија во Охрид: „Проаква“, „Нискоградба“, „Градски Пазар“, „Охридски Комуналец“, „Градски Гробишта“ и „Билјанини Извори“. Ова го истакна на денешната прес-конференција, претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Кирил Пецаков.

Имено, како што кажа Пецаков, спротивно на одредбите од Законот, од страна на Советот на општина Охрид донесени се одлуки со кои се именувани лица за членови на управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, кои не ги исполнуваат законските услови.

„Согласно „Законот за јавните претпријатија“, член 17 став 3 за претседател и член на управниот одбор и член 26 став 3 за член на надзорните одбори може да биде именувано лице кое покрај останатите треба да ги исполнува и следните услови:

– има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,

– има минимум три години работно искуство,

– поседува еден меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години

– има положено психолошки тест и тест за интегритет.“- рече Пецаков.

Имајќи го предвид претходното, од ВМРО-ДПМНЕ јавно го повикуваат градоначалникот Јован Стојаноски, кој согласно член 50 од „Законот за локална самоуправа“ и член 30 од „Статутот на општина Охрид“ има надлежност и обврска да ја контролира законитоста на прописите донесени од страна на Советот на општина Охрид, да одговори на следните прашања:

„• Кој од новоизбраните членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во Охрид: поседува меѓународно признат сертификат за познавање на странски јазик и положен психолошки тест и тест за интегритет, согласно „Законот за јавните претпријатија“?

• Зошто се разрешени членовите на Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори’’ на кои не им беше истечен мандатот, а истите ги исполнуваат сите услови предвидени со Законот, а на нивно место се поставени лица кои не ги исполнуваат условите?

• Зошто градоначалникот Јован Стојаноски, согласно член 51 став 1 од „Законот за локална самоуправа“, иако знае дека Советот носи незаконски одлуки, со Решение не го запре нивното објавување во службен гласник на општина Охрид и дозволи истите да стапат на сила?

Овој срамен скандал креиран од страна на СДС, мора да биде предмет на работа на надлежните судски органи. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, јавно го повикува градоначалникот Јован Стојаноски веднаш да преземе мерки за ставање вонсила на донесените одлуки, а доколку тоа не се случи, ќе биде поднесена претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, кој е должен да донесе решение за запирање на примената на одлуките.“- рече Пецаков.

Исто така ги повикуваат, како што  кажа Пецаков, незаконски поставените членови на управни и надзорни одбори, кои лично сносат и кривична и материјална одговорност, да не се впуштаат во носење одлуки во рамките на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, имајќи го предвид фактот дека таквите одлуки се ништовни и истите по запирањето на примената на одлуките за нивен избор донесени од страна на Советот на општина Охрид, нема да произведуваат никакво правно дејство.

„Време е СДС преку Градоначалникот и нивните советници да почнат да ги применуваат законите и да престанат со нивно кршење и непочитување, нанесувајќи директна штета на општина Охрид и јавните претпријатија, а индиректно и на охриѓани.

Каде е транспарентноста? С`е што се прави заткулисно, брзо и преку ноќ, е скриено и незаконско работење. Незаконските дејствија се одвиваат преку делигитимирање на институциите и поставување на луѓе кои не ги исполнуваат сите услови предвидено со Закон.“-додаде Пецаков.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека е најдобро незаконски именуваните и поставени лица во најкраток можен рок да си поднесат оставка.  За вакво незаконско работење ќе има и мора да има индивидуална, правна и политичка одговорност, заврши Пецаков.