26/04/2024
Македонија

Потпишан меморандум за соработка меѓу комората за обезбедување и МВР

„Фактот што денес го потпишуваме Меморандумот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Комората за приватно обезбедување е логичен чекор во насока на продлабочување и конкретизирање на нашата заедничка соработка“, истакна меѓу другото, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешното потпишување на Меморандумот за соработка меѓу МВР и Комората на РМ за приватно обезбедување во Домот на АРМ во Скопје.

Спасовски нагласи дека сосема е оправдано, да се размислува за сите можности или евентуални перспективи што ги споделуваат домените на приватната и јавната безбедност.

„Следствено на тоа, дефинирањето на една нормативна рамка, како што е денешниов Меморандум за соработка, го гледам како  нужност од која што ќе имаме корист – Министерството за внатрешни работи како регулатор во дејноста и Комората како асоцијација на субјектите – директни носители на дејноста. Рамка, која што истовремено нуди еден широк простор за кооперативност и унапредување на соработката и активностите,  на министерството и Kомората, во разните сегменти од дејноста приватно обезбедување. Крајниот бенефит од сево ова  треба да го имаат вашите клиенти и граѓаните на Република Македонија” потенцирање министерот Спасовски.

Во Меморандумот за соработка главен акцент се става на меѓусебната комуникација и размена на информации во насока на унапредување на дејноста приватно обезбедување, но и генерално во интерес на јавниот ред и мир.