Потпишани Меморандуми за соработка со УСАИД – реформите во енергетскиот сектор продолжуваат

Денес, во Свечената сала на Владата, беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Министерството за економија и УСАИД, како и помеѓу Регулаторната комисија за енергетика и УСАИД, за „Проектот за развој на регионални енергетски пазари – поддршка на реформите во секторот енергетика“.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев истакна дека преку реализација на овие меморандуми, со поддршка на УСАИД, ќе се надминат предизвиците со кои се соочува Република Македонија во енергетскиот сектор, a се обезбедува подобра и посветла иднина на енергетскиот сектор во Република Македонија.

„Република Македонија имаше обврска да ја адаптира легислативата во енергетскиот сектор во согласност со европските регулативи и директиви до 2015 година, нешто што тогаш не беше направено, а се започна со практична имплементација по усвојување на новиот Закон за енергетика во мај 2018 година. Со техничка помош од УСАИД беше создаден текстот на Законот, а оваа поддршка продолжува и преку креирање на преку 80 подзаконски акти кои произлегуваат од Законот и кои се неопходни за целосна имплементација на овој Закон. Сите засегнати страни напорно работат во создавање на подзаконските акти и истите ќе бидат завршени во предвидената динамика, со што ќе се обезбеди заштита на потрошувачите и ќе се овозможи развојот на обновливите извори на енергија“, потенцираше Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека министерството за економија и Владата во целина, имаат одлична соработка со УСАИД, а резултат на соработката е усвојување на новиот Закон за енергетика.

„Моментално, заедно со УСАИД и со други институции, работиме на донесување на низа на подзаконски акти, очекуваме овој процес да го заокружиме до крајот на 2018 година и веќе од наредната година граѓаните, но и компаниите да почнуваат да ги чувствуваат бенефитите од новиот Закон“, додаде Бектеши.

Амбасадорот на САД Н.Е. Џес Бејли, истакна дека транспрентните услови и конкурентните енергетски пазари се витални за домаќинствата и развојот на индустријата и економијата.

„Сигурното снабдување со енергенси е возможно преку користење на микс на енергетски извори како што се ветер, соларна енергија, природен гас и фосилни горива. Преку реализација на овој проект, во кој соработуваат Владата, Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика и УСАИД, ќе се овозможи разновидно  и конкурентно енергетско портфолио на Република Македонија, а воедно ќе се овозможи усогласување на националното енергетско законодавство со енергетските регулативи и директиви на Европската Унија. Неодамна усвоениот Закон за енергетика, развиен со поддршка на УСАИД и помогна на Македонија да ги усогласи енергетските политики и регулативата со оние на ЕУ. Со овој Закон се обезбедува правна рамка за транспарентен, конкурентен и разновиден енергетски пазар, целосна либерализација на пазарот на електрична енергија и интеграција со регионалните енергетски пазари, како и подобри енергетски услуги за индустријата и домаќинствата“, нагласи амбасадорот Бејли.

Претседателот на регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски потсети дека новиот Закон за енергетика е целосно усогласен со Третиот енергетски пакет на ЕУ и со донесување на овој закон беа затворени споровите кои енергетската заедница ги имаше покренато кон Република Македонија.

„РКЕ во наредниот период треба да усвои или одобри околу 40 подзаконски акти, кои треба да обезбедат правично и транспарентно функционирање на пазарите на енергија во Македонија. Веќе беа усвоени најважните подзаконски акти за електрична енергија, кои беа клучни за да може да се распише јавниот повик за избор на Универзален снабдувач. Правото на заштита на потрошувачите, со новите подзаконски акти, се подига на многу повисоко ниво, особено за таканаречените ранливи потрошувачи“, рече Бислимоски.