19/04/2024
Македонија

Предизвик за 14 дена одржливо живеење

Амбасадата на Шведска во Скопје и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ го организираат првиот 14 дневен предизвик за одржливо живеење во регионот кој ќе започне на 1ви декември и ќе заврши на 14ти декември 2017 година.

14 дневниот предизвик има за цел да даде едноставни примери од секојдневието за одржливи начини на урбано живеење кои потенцијално можат да го подобрат квалитетот на животот и да влијаат на заштитата на нашата средина.

Предизвикот се состои од практикување на мали, но одржливи решенија во секојдневието со фокус на три категории: Храна, транспорт и навики и споделување на овие искуства преку социјалните мрежи. Поканети учесници се влијателни личности од нашето општество кои со практикување на овие мали, но одржливи секојдневни пракси, преку сопствен пример би потикнале позитивни промени во општественото опкружување.

„Луѓето имаат моќ да предизвикаат значајна промена во општеството и да влијаат врз квалитетот на нивниот живот само преку промена на секојдневните навики. Мора да одлучиме дали повеќе сакаме да уживаме во удобноста на автомобилот или да дишеме загаден воздух. Дали ни е полесно да направиме се за да ги намалиме глобалните температури или да се справиме со последиците од поплави и суши.“- вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Се покануваат сите граѓани од целата земја активно да се приклучат на предизвикот преку социјалните мрежи со користење на официјалните хаштази #14ДенаОдржливост и #14DaysSustainability.

„Вашиот придонес кон успешно спроведување на овој предизвик е од големо значење за нас како организатори на кампањата, но и како граѓани кои живеат во оваа средина. Секој индивидуално може да влијае и допринесе за позитивни промени за доброто на сите нас.“– додаваат од Еко-свест.