Прекрасно театарско уживање со „Мизантроп“ на театар Комедија од Скопје
Охридската публика во центарот за култура “Григор Прличев”, со неколкуминутни стоечки овации и извици на воодушевување ги поздрави актерите на театар Комедија од Скопје, кои синоќа премиерно изведоа безвременската претстава “Мизантроп”, на Жан Батист Молиер, во рамките на редовната драмска програма на 58-то издание на фестивалот “Охридско Лето”.
“За љубовта на човекомразецот, или за омразата на човекољубецот”, е дилемата која се поставува во ова ремек дело на Молиер, сериозна комедија за човековата душа создадена во 17-тиот век, но претставува магнетна резонанца на нашето време.
Во улогата на Алсест заблеска Атанас Атанасовски, или како што нашата публика милува да го нарече “македонскиот Џон Клиз”. Но, не помалку маестрални во театарскиот талент и раскош беа и Столе Мицов во улогата на Оронт, Александар Михајловски како Филинт, Мирјана Ристов како Селимена, Магдалена Ризова Черних во душата на Елијанта, Жаклина Петровска – Милјановска која ја отелотвори Ариноја.
Впечатливи беа и ликовите на Жарко Димоски, кој го толкува Клитандр, Илија Илоски како Акаст, Виктор Арсов кој го вдахна Баск, и Ердоан Максут како собарот Ди Боа, и сето тоа под режисерската палка на извонредната Ана Вукотиќ.
Настаните од ваков вид покажуваат дека Охрид и охриѓани се длабоки и вистински почитувачи на културата и уметноста и дека се во постојана потрага на квалитетни дела кои ќе ја збогатуваат градската програма во текот на целата година.
Со самата побарувачка на квалитетна програма, повторно провејува старата и болна тема, дека Охрид како расадник на македонското културно и уметничко наследство нема современа концертна и театарска сала, објект кој се најавува со години наназад, но чија реализација е сеуште само сон, кој, се надеваме дека за брзо ќе прерасне во реалност.
Весна Цветаноска