05/12/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерката за одбрана Шекеринска на Дипломатската дискусија „Патот до Брисел“

Премиерот Зоран Заев и заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денеска учествуваа на Дипломатската дискусија на тема „Патот за Брисел“, која по повод НАТО-неделата, кога се чествува „Денот на НАТО – 3 април“, беше организирана од Министерството за одбрана на Северна Македонија, Евро-Атлантскиот совет (АТА) и Амбасадата на Република Словенија во земјата.

Амбасадорите и претставници на земјите-членки на НАТО во своите дискусии едногласно дадоа поддршка за членство на Северна Македонија во Северноатлантската Алијанса и Амбасадорот на Република Полска Војциех Тицињски во своето обраќање најави дека утре полскиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за членство на Република Северна Македонија, изразувајќи безрезервна поддршка за политичкиот процес со цел остварување на евроатлантските аспирации на земјата.

„Со Вашата поддршка и со вредните реформски процеси и решавањето на клучните прашања за иднината на нашата земја, на 6 февруари оваа година, го потпишавме Протоколот за пристапување во седиштето на НАТО. Постигнавме една од нашите стратешки обврски, а тоа е да станеме членка на НАТО. Оваа историска одредница за нашата земја ја постигнавме со вложувањата на повеќе генерации кои не потклекнаа и напорно работеа за да ја реализираме нашата визија и стратешка цел: Да станеме дел од евроатлантското семејство“, истакна премиерот Заев., кој изрази уверување дека членството на нашата земја дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе има клучна улога во создавањето на нова, позитивна слика за регионот.

„Нема никакво сомневање дека членството во НАТО за нашата земја е гаранција за перспектива на безбедност и стабилност. Дополнително, тоа ги отвора хоризонтите за поголема предвидливост и јасна иднина за нашиот политички и економски прогрес.

Секако, тоа вклучува и соодветна рамноправно учество и во споделувањето на заедничките одговорности за активностите и за иднината на алијансата. Како идна, полноправна членка на НАТО, ние сме подготвени целосно да го споделиме товарот, должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност“, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека во таа насока, Владата на Република Северна Македонија, донесе одлука за зголемување на трошоците за одбрана за 0,2 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), секоја година, имајќи силна политичка волја и посветеност за постигнување да бидат издвоени проценти од БДП-то на нашата држава најдоцна до 2024 година.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска во својот говор истакна дека денешната ситуација кога Северна Македонија се наоѓа пред исполнувањето на својата стратешка цел, да стане 30-а членка на НАТО, пред само една година изгледала нереална и преоптимистичка, но резултатите и прекумерната работа го докажуваат спротивното.
 
„Тоа докажува дека нема преоптимистичка цел, ако има политичка волја и ако се работи резултатите доаѓаат. Работевме напорно на домашни реформи, на реформите во одбраната и со аргументи успеавме да ги убедиме и најголемите скептици дека оваа земја може да се трансформира, да отскокне од една кризна ситуација и да понуди модел на поинакво однесување на Балканот“, рече министерката Шекеринска, која додаде дека отворените врати во НАТО не се подарок, туку заработена шанса за нашата земја, и се заблагодари за поддршката од земјите членки на НАТО и нивните претставници на денешната дискусија. 
Министерката Шекеринска истакна дека бенефитите од членството во НАТО се безбедноста и просперитетот и посебно  се осврна на прашањето, што НАТО ќе добие од својата нова членка. 

„Ќе понудиме и нови шанси, во јуни на полигонот Криволак ќе се случи најголемата воена вежба на наша територија досега. Вежбата „Одлучен удар 19“ на која ќе учествуваат преку 3.000 војници, не само од Армијата на Република Северна Македонија туку и од САД, Бугарија, Албанија, Литванија и Црна Гора. Ова ќе биде за нас и чест и симболички знак за нашето идно членство во НАТО, но и голем предизвик и одговорност да докажеме дека како идна членка сме способни да се носиме со логистички, организациски и политички предизвици. Ќе покажеме дека и малите држави може да носат нова вредност“, порача министерката Шекеринска заблагодарувајќи се за ратификацијата на Протоколот, која заврши во 9 земји членки на НАТО и порача дека целта е процесот брзо и ефикасно да се заврши.

Денешната дискусија на тема: „Патот до Брисел“, според обраќањата на учесниците е со цел да се испрати силна порака до земјите-членки на НАТО Алијансата, за што поскоро завршување на правните процедури и ратификување на Протоколот за членство во Северноатлантската Алијанса со што Република Северна Македонија ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.


Премиерот Заев на Дипломатската дискусија на тема: „Патот до Брисел“: Со поддршката на земјите-членки на НАТО ќе ја постигнеме стратешката цел да бидеме полноправна членка на Алијансата

Премиерот Зоран Заев и заменик-претседателката на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денеска, во свечената сала на Владата учествуваа и ја отворија Дипломатската дискусија на тема „Патот за Брисел“, која по повод НАТО-неделата, кога се чествува „Денот на НАТО-3 април“ беше организирана од Министерството за одбрана на Северна Македонија, Евро Атлантскиот совет (АТА) и амбасадата на Република Словенија. 

Пред присутните дипломати, кои во плодната дискусија изразија безрезервна поддршка за остварување на евроатлантските аспирации на земјата и заложбите на Владата на Северна Македонија за продолжување на реформските процеси и остварување на евроатлантските аспирации на земјата. 

Во продолжение Ви го пренесуваме интегралниот говор на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

„Дозволете ми на почетокот да Ве поздравам во мое име, во име на Владата на Република Северна Македонија, и секако во наше заедничко име, да ви посакам успешна и инспиративна дипломатска дискусија и мисија на тема „Патот до Брисел“, во рамките на манифестацијата Недела на НАТО.

Оваа година, манифестацијата Недела на НАТО се одржува во светлината на два значајни јубилеи: а тоа е 70 години од основањето на НАТО и 20 години од основањето на Евро-Атлантскиот Сојуз на Република Северна Македонија.

Ако на овие јубилеи ја додадеме и третата заокружена бројка која најавува дека многу скоро нашата земја ќе биде 30-та земја членка на НАТО, тогаш навистина имаме уште еден многу значаен повод и за оваа дискусија, како и за славење на овие два огромни, значајни јубилеи. 

Почитувани амбасадори, пријатели и партнери,

Заедно изминуваме една значајна делница од нашиот пат кон рамноправен партнер во алијансата.
Со вашата поддршка, и со вредните реформски процеси и решавањето на клучните прашања за иднината на нашата земја, на 6 февруари оваа година, го потпишавме Протоколот за пристапување во седиштето на НАТО.

Постигнавме една од нашите стратешки цели и обврски, а тоа е да станеме членка на НАТО.

Оваа историска одредница за нашата земја ја постигнавме со вложување на повеќе генерации кои не потклекнаа и напорно работеа да ја реализираме нашата визија и стратешка цел: Да станеме дел од евроатлантското семејство.

За оваа наша цел, за оваа наша визија, постои широка поддршка, низ вкупен спектар на нашиот етнички и политички пејзаж. Тоа ни даде силна мотивација да ја реализираме оваа цел како наша суверена одлука.

Мотивацијата и охрабрувањето имаат уште поголема суштина и заради неподелената поддршка на сите земји членки на НАТО колку што може побрзо да ја прифатат Република Северна Македонија како полноправна членка, како доверлив и достоинствен партнер во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.

Веќе 9 земји-членки на НАТО направија ратификување на Протоколот за пристапување на нашата земја во алијансата. Неколку други го започнаа процесот според нивните домашни постапки. Ние сме свесни за сите тие постапки и протоколи кои што треба да бидат запазени. Секако немаме никакво сомневање дека членството во НАТО за нашата земја е гаранција за перспективата и безбедноста, како и стабилноста на Република Северна Македонија, но и на целиот овој наш регион.

Тоа дополнително ги отвора хоризонтите за поголема предвидливост и јасна иднина за нашиот политички и економски прогрес.

Секако, тоа вклучува и соодветно рамноправно учество и во споделувањето на заедничките одговорности за активностите и за иднината на алијансата. Како идна, полноправна членка на НАТО, ние сме подготвени целосно да го споделиме товарот, должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.

Во таа насока, знаете дека Владата на Република Северна Македонија, донесе одлука за зголемување на трошоците за одбраната за 0,2 проценти БДП секоја година, со конечна цел да ги постигнеме 2 проценти од БДП, не подоцна од 2024 година. 
Нашата влада ќе стори сé за да го зголемува нашето учество во мисиите предводени од НАТО, како и во структурите на НАТО. Ова е приоритет за нас, кога стануваме полноправна членка на Алијансата.

Како идна, 30-та земја-членка, сакаме да обезбедиме свој придонес за понатамошно обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион, како и да дадеме сериозен придонес во мирот, стабилноста и безбедноста на цела југо-источна Европа.

Убедени сме дека тоа ќе одигра и клучна улога на создавање на една нова, позитивна слика и перцепција за целиот овој наш регион.

Сето она што го постигнавме, особено во претходната година, јасно ја докажува нашата силна посветеност и преземена обврска да ја направиме нашата земја посигурна и постабилна. 

Сметам дека сите можеме да се согласиме дека за само една и пол година, Владата успеа, заедно со граѓаните, заедно со пријателите, вас – меѓу другите и присутни овде, да ја врати земјата на вистинскиот, неповратен евро-атлантски пат, секако со решавање на клучните предизвици за иднината на нашето општество и нашата земја.

Процесите што ги поминавме не беа лесни. Но, исто толку јасно беше дека се исклучително важни за иднината на нашата земја и дека мора да имаат позитивно решение.

Договорите склучени со нашите соседи Бугарија и Грција се непобитен доказ за нашата зрелост и способност да градиме мостови на разбирање, на пријателство и соработка. 

Успеавме да ги положиме темелите за идниот развој на силно партнерство, за кое сме сигурни, директно ќе придонесеме за понатамошното зачувување и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност. Секако, тоа е прашање од исклучително значење не само за нашиот регион, туку и за целата област од интерес на самото НАТО. Врз основа на нашето искуство, цврсто веруваме дека процесот на подготовка на земјите од Регионот за членство во ЕУ и НАТО, е клучен елемент за нивната позитивна трансформација. 

Република Северна Македонија е подготвена, низ соработка да ги поддржува сите земји од нашето соседство во исполнување на нивните стратешки цели.
Ве уверувам дека нашата земја е целосно подготвена да ја продолжи тесната соработка со сите наши сојузници.

Сакам овде и да ги споделам, реално и отворено, првите впечатоци од поканата од НАТО, сите процеси на ратификација кои што  се случуваат во целиот овој период и севкупното пријателство кое што е изградено со соседите.

Бројките се неприкосновен доказ дека се повторуваат како и во другите земји, кај нас се одлични. Поминавме нови рекорди, странските инвестиции се дупло поголеми од најдобрите години од нашето постоење како самостојна земја до денеска, индустријата расте со 7,5 проценти, па со 12 проценти во споредба со лани. Процентот на невработеност се намалува, од 27 проценти пред 22 месеци, сега е 19,4 проценти. Да не зборувам за БДП, кој што пред 22 месеци беше -1,8 проценти, сега е 3,7 проценти. Овој прв квартал имаме сериозни индиции, заради индустријата но и услужните дејности, севкупната потрошувачка, извозот и увозот, вкупната трговија, дека можеме да очекуваме над 4 проценти раст. 

Тоа е НАТО. НАТО носи охрабрување, стабилност, безбедноста којашто дефинитивно дава и позитивни рефлексии. Секако резултат на овие причини за овие резултати се и реформите, домашни што се случуваат, но истите се мотивирани од поканата за НАТО и од процесот. Да имаме успешни реформи, знаете дека дијалогот е отворен со опозицијата, и законот за  безбедносните служби е веќе заокружен политички, очекуваме да се закаже седница во Парламентот. Заедно работевме со експертите од НАТО, од многу земји-членки на НАТО, кои што ни помогнаа овде заедно со НАТО администрацијата и со канцеларијата на НАТО којашто е овде, останува уште Законот за јавното обвинителство. Јас верувам по пат на дијалог дека е возможно. Сите сме сериозни политички субјекти и кога дојде веќе на  крајот еден закон политички да го усогласиме, убеден сум дека вреди да ги дадеме сите наши напори, да се постигне и тоа решени, за да ги имаме сите аргументи за кои што секако се важни за ЕУ, но важни се и за НАТО. 

Владеење на правото, еднакво важење на Законот пред сите, сериозни капацитети на институциите, се дел од критериумите за членство во НАТО, и дел од вредностите на НАТО Алијансата. 

Затоа со споделувањето на нашите заеднички вредности: посветеност на демократија, на слобода, слободна пазарна економија, почитување на човековите права и владеење на правото, нашата земја ќе го даде својот позитивен придонес како нова, 30-та земја-членка на НАТО.

Јас сакам, навистина моментите на нашето зачленување во НАТО да бидат многу логични, многу причински, но и да покажеме и домашен капацитет дека одлуките не само што биле инспирирани од политички мотиви, туку и во суштина оваа мала земја, пријател со сите, навистина заслужува да биде следната 30-та земја-членка на НАТО“.