21/05/2024
Македонија

Премиерот Заев на потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со премиерот на Република Грција Алексис Ципрас, денеска се обратија на свеченоста по повод потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, се одржа на македонската и на грчката страна на Преспанско Езеро, во Псарадес и Отешево.

На свечениот чин, министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц, по што следуваше обраќањето на двајцата премиери Заев и Ципрас.

Обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ви го пренесуваме во целост:

Почитуван пријателе Алексис,
Почитувани министри за надворешни работи, господине Коѕијас и господине Димитров,
Почитувани членови на двете влади,
Почитуванa потсекретарке за политички прашања на Обединетите нации, мадам Розмари Ди Карло
Почитуван амбасадоре Нимиц,
Почитувана Висока претставничке за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската комисија, мадам Могерини,
Почитуван Комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, господине Хан, 
Почитувани претставници на медиумите,

Колку убав и историски ден за еден ваков настан. 

Дозволете ми на почетокот на ова мое  обраќање да парафразирам две мисли од славниот грчки философ Аристотел. Тој вели: 
„Нема да можеш да постигнеш ништо без храброст. Храброста е најголемата доблест, веднаш после честа“ и „Надежта е буден сон“. Овие две мисли на Аристотел говорат дека кога имаш верба, храброст и надеж – можеш планини да поместиш.
Моето чувство денеска, кое го делам искрено со сите вас, е дека со потпишувањето на Конечниот договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини.

Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно!

Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите.

Прашањето беше отворено три децении. Тоа беа три децении неизвесност за нашата иднина. Тоа беа три децении сериозни грижи за несакани последици.

Затоа ние, јас и премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи Коѕијас и Димитров, членовите на нашите влади, заедно со нашите соработници и со поддршката на Обединетите Нации, на Европската Унија и со поддршката и на нашите заеднички стратешки пријатели, тргнавме во потрага по решение. 

По достоинствено и прифатливо решение за двете страни. 

И стигнавме до решение. Овој свечен чин е кулминација на сите наши напори. Ова е израз на нашата посветеност да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните на нашите две земји.

Почитувани пријатели,

Три децении решававме спор. НО, за мене е важно дека овие три децении не научија многу важни работи.

Големите визии можат да се реализираат само преку акција, преку храбра иницијатива. За да ја постигнеме нашата цел бевме фокусирани и постојано се повикувавме на градење доверба и на создавање пријателски амбиент и шанса за креативниот дијалог и за сите решенија со потенцијал.

Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. Ја повторувавме лекцијата која порачува дека кога земјите се во мир, таков ќе биде и светот, а кога земјите се во агонија, страда и светот. На темелите од минатото – градиме иднина.

Што добиваме со овој договор?

Договорот ни донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу двете земји, за иницијативи кои со сигурност носат подобар живот за граѓаните на двете земји.

Решението, и процесот низ кој поминавме, ни донесе пријател. Пријател за кој до вчера некои во нашите средини не убедуваа дека е непомирлив непријател. Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници. Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји.

Во регионот, добиваме нова реалност. Повеќе не може да игнорираме дека живееме во свет во кој сме упатени едни на други. Тоа е реалност што заеднички ќе ја изградиме на темелите на меѓусебното пријателство и на заедничките заложби за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во нашите земји и во регионот.

Заеднички создаваме на регионална заедница, семејство фокусирано на луѓето, на граѓаните. 

Што ни претстои?

Да ги отвориме границите за соработка со соседите, а не за ривалство и тензии. 

Да се повикуваме на вредностите на Европската Унија и да си помагаме како соседи, како што повика Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск во својот говор “Обединети опстојуваме, поделени паѓаме”. 

Заеднички да се грижиме за сеопфатна и одржлива безбедност.
Ни претстои уште една цел: Да изградиме заеднички просперитет преку посилна економска соработка. 

Со договорот што го потпишуваме денес, создадовме шанса. Имаме историска можност, да ја засилиме соработката за да изградиме посилни економски врски и заедно да постигнеме повисок раст и развој. Имаме обврска да ги олесниме трговијата, инвестициите, протокот на луѓе и технолошкиот напредок.

Видовме дека од изолација, или самоизолација, ниту една земја немаше полза.

Ни претстои уште нешто. Многу важно. Сакам да им упатам порака на противниците на овој договор во двете земји. 

Нашите општества, македонското и грчкото, се дел од европскиот заеднички систем на вредности. Нашите граѓани еднакво ги заслужуваат мирот, демократијата, владеењето на правото, слободата во сите нејзини форми. Нашите држави имаат обврска да застанат позади еднаквоста меѓу нациите, човечкото достоинство и солидарноста.

Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот.

Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се, и никогаш не смее да бидат опции за Европа. 

Напротив, демократијата реагира на проблеми, се бори против стравот и болката. Ја обновува надежта во иднина.

И сите да знаат, противниците на некоја идеја, и противниците на овој договор, имаат право на свое мислење и на гласен аргументиран став. Да се има став е Европски манир. Исто како што е Европски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување. 

Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината.

Кога сите мислеа дека нема излез, ние заедно се одваживме и тргнуваме напред. 

Почитувани пријатели, почитувани соседи, почитуван Алексис,
Ви патувам благодарност што имавте доблест и што најдовте сила, заедно со нас, да се посветите на ова историско и вековно решение. Знам дека не беше лесно и за вас, но исто така знам дека застанавте на вистинската страна на историјата.

Дозволете ми на крајот да оддадам искрено признание и благодарност на неговата екселенција, амбасадорот Метју Нимиц. Тој, личен претставник на Генералниот Секретар на Обединетите Нации, посвети речиси три децении од својот живот во медијацијата на ова прашање. Тоа е навистина чин за респект и за поклон.

Со задоволство ја изразуваме истата благодарност и кон Европската Унија, и кон нејзините претставници во текот на сите изминати години.

Присуството на почитуваната Висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, мадам Могерини, и на почитуваниот Комесар за проширување на ЕУ, господинот Јоханес Хан, денеска тука, на нашиот заеднички свечен, историски чин, ни потврдува дека тие остануваат покрај нас. Во сите наши идни, заеднички предизвици.

Голема е поддршката која низ целиот период ја добивавме и од Соединетите Американски држави и од сите сојузници на НАТО, нашето семејство кое ја гарантира безбедноста на регионот и пошироко.

Сакам посебно да им се заблагодарам и на шефовите на државите и на владите на нашите соседни земји. Нивното охрабрување и помош беа од пресудно значење во одредени моменти.

Почитувани пријатели,

Завршувам со тоа дека денес можеме слободно да кажеме дека сме горди на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на еден спор којшто нѐ делеше, и избравме решение што нѐ обединува. Сега, и нека биде така засекогаш. 

Благодарам.