Премиерот Заев на промоција на „Регионалната инвестициска платформа“ на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на ЕБОР
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и владината делегација во која се Заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, Министерот за економија, Крешник Бектеши и Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска зедоа учество во промоцијата на „Регионалната инвестициска платформа“ на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што денеска се одржува во Лондон.
„Регионалната инвестициска платформа“, која ќе ја раководи секретаријатот на ЕБОР има за цел да го интензивира интересот и приливот на странски инвестиции во Западниот Балкан. Идејата зад оваа иницијатива е да ги понуди потенцијалите на регионот, но и на секоја земја одделно, во рамките на нивните обединети капацитети, како ресурс и како пазар од над 20 милиони жители.
Новата „Регионална инвестициска платформа“ ќе ги застапува предностите на регионот пред странските инвеститори и ќе ги обедини сите олеснувања и можности за нови странски инвестиции од регионален карактер.
Првите луѓе на владите од земјите на Западен Балкан по тој повод одржаа и заедничка прес-конференција на која одговараа на новинарските прашања.
Дел од интересот на новинарите беше насочен кон политиките за борба против корупцијата во сите земји на Западен Балкан и за енергетското поврзување.
Премиерот Зоран Заев истакна дека борбата против корупцијата е приоритет во политиките на Владата на Република Македонија и дека политиките на справување со оваа појава ќе продолжат да се имплементираат со поголем интензитет.
Во однос на енергетското поврзување, премиерот Заев нагласи дека Република Македонија ќе соработува со сите земји во регионот на ова поле и дека „Регионалната инвестициона платформа“, промовирана во Лондон, во енергетиката е еден од најпредизвикувачкиот дел од повеќегодишниот акционен план на регионалната економска област.