10/11/2024
Македонија

Премиерот Заев оствари средба со претседателот на Европската шаховска унија, Зураб Азмајпарашвили

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенција за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски, денеска оствари средба со Претседателот на Европската шаховска унија, Зураб Азмајпарашвили и претставници на Македонската шаховска федерација (МШФ).

Целта на посетата на претседателот на Европската шаховска федерација е организацијата на Европско поединечно шаховско првенство во Скопје во март, 2019 година.

На Европското поединечно првенство во 2019-та, се очекува да учествуваат околу 300 шахисти од сите европски држави, а по две години, односно во 2021 година, Скопје е избран за домаќин и на екипното ЕП за мажи и жени.

Премиерот Заев ги поздрави заложбите на шаховската федерација за промоција на Република Македонија преку организација на првенство од таков размер.

Тој исто така искажа решеност и заложба за да се преземат неопходните мерки во насока на успешна организација на ова Европско првенство во шах, но и за зајакнување на капацитетите и подобрување на условите за работа на МШФ во иднина.

„Македонија како мала земја, најдобро и најбрзо може да се промовира преку спортот. Затоа секогаш ќе наоѓаме начини и средства да ги поттикнуваме спортистите да остваруваат подобри резултати и да ги стимулираме спортските натпреварувања од секаков тип во Република Македонија“, рече премиерот Заев на средбата.

Од претставниците на МШФ посебно задоволство беше истакнато од соработката со АМС и директорот Дарко Каевски, кој, како што рекоа тие, после цела деценија заборавеност од државата, прв им излегол во пресрет за соработка и подобрување на условите за работа на шаховската федерација.