11/10/2024
Македонија

Премиерот Заев повика на лидерска средба

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска одржа прес-конференција на која упати повик за лидерска средба, која предлагам да се одржи во петок на 19 јули, во 14 часот во Клубот на пратениците.

Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост: 

Времето е потрошлив ресурс и малку време имаме до октомври, кога очекуваме Европската Унија да ни соопшти дека можат да отпочнат преговорите по поглавја за пристапување на нашата земја во унијата.

Го очекуваме овој одложен чин како признание за сите наши заеднички остварувања што не ставија толку блиску пред портите на Европската Унија.

Иако извештајот на Европската Комисија е одличен, не треба да застанеме со работа и треба да сториме сѐ за да дадеме уште повеќе аргументи во прилог на позитивна одлука во октомври. Тоа им го должиме на граѓаните, односно тоа е наша заедничка обврска пред граѓаните

Како и секогаш досега кога се донесуваа големи одлуки, и овој пати повикувам тој чекор да го направиме сите заедно.

Ни претстои кус период кога она што сите лидери го декларираат како сопствен и партиски стратешки приоритет, да го потврдат на дело и реално, во интерес на заедничките интереси на сите граѓани на нашата земја.

Поканата за лидерска средба ја упатувам со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, до претседателот на ДУИ Али Ахмети, и до претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села. 

Од таа средба, на која очекувам дека сите ќе се фокусираме на создавање услови за тој последен исчекор за старт на преговорите, очекувам да произлезат предлози за акциски план и работни групи во кои би учествувале избраници од сите парламентарни групи, е ќе бидат направени консултации и со другите, помали пратенички групи. 

За приоритетни теми на лидерската средба ќе ги предложам:

– Обединување околу принципиелен договор за нов Изборен законик. На време да се почне, без притисок од рокови, и да си поставиме за цел до следните избори да обезбедиме легислатива прифатливи за сите, со вградени препораки од ОДИХР, а ќе разговараме и за нов изборен модел. 

– Да го затвориме со највисок степен на согласност Законот за јавно обвинителство. Предолго траат разговорите, време е за договор во корист на правната држава и владеењето на правото. Во оваа насока, клучно е да се обезбеди јавно обвинителскиот систем на државата, иднината на СЈО и унапредувањето на правната држава и владеењето на правото. 

– Да постигнеме консензус и да се обврземе дека ќе реализираме успешен попис, како строго професионална статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика како овластен носител на статистички истражувања. Успешниот попис ќе ни ги отвори сите перспективи за реално проектирање на економските, но и на севкупните политики во државата. 

Сметам дека искрената и чесна посветеност на овие теми ќе ги заокружи реформите во делот на европските интеграции со кои ќе се претставиме на есен како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите. Односно, да не му дадеме никому аргумент да биде против или резервиран. Напротив, да дадеме аргументи дека иако имаме одличен извештај продолжуваме со работа, билдаме и даваме дополнителни аргументи за максимално позитивна одлука која што ја очекуваат сите граѓани. 

Не помалку важно, напротив, исклучително значајно е што ќе покажеме дека, во важен момент ги ставаме политички разлики настрана, за да покажеме дека сме единствени кога се во прашање заедничките стратешки интереси на нашиот народ и на нашата држава.