24/04/2024
Македонија

Премиерот Заев се сретна со претседателката на Советот на општина Нови Сад за екологија

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со претседателката на Советот на општина Нови Сад за екологија и одборничка во општината, Ивана Вујасин, претставничка од Зелената партија за здрав начин на живот.

На средбата се споделени искуства за подигнувањето на јавната свест во областа на екологијата и  решавањето на прашања како што се чист воздух, почва, вода.

Исто така, констатирано е дека е од голема важност и размената на искуства во делот на заштитата на животната средина, како и регионалната соработка.

Премиерот Заев, на состанокот, даде поддршка за можни заеднички еколошки проекти на меѓу државно и меѓу општинско ниво, коишто би добиле и владина поддршка, со оглед дека Владата на Република Македонија е посветена на политики за чиста животна средина во интерес на граѓаните, како и кон задоволување на европските критериуми нотирани во поглавјето 27, што ќе се бара од земјава по отворањето пристапни преговори со ЕУ.

– Сите нови проекти, закони, одлуки, ги носиме низ почитување на еколошките стандарди, како и транспарентно, со одобрување на граѓаните. Очекуваме, нашите заложби за гасификација на Македонија, изградбата депонии за цврст отпад, мерките на среден и долг рок за заштита на воздухот, задолжителната примена еколошки филтри од страна на компаниите со помош и поддршка и од Владата, да дадат резултати во интерес на здрава и чиста животна средина и заштита на здравјето на граѓаните, рече на средбата премиерот Заев.