26/04/2024
Македонија

Премиерот Заев за победата на документарниот филм „Медена земја“ на престижниот филмски фестивал „Санденс“

Премиерот Зоран Заев, од свое лично име и од име на Владата на Република Македонија, упатува честитки до режисерите на долгометражниот документарен филм „Медена земја“, Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и до целиот тим кој работеше на ова маестрално филмско остварување кое триумфираше со победа во три категории на престижниот филмски фестивал Санденс (Sundance) којшто се одржува во Парк Сити, Јута во САД.

„Успехот што го постигна долгометражниот документарен филм „Медена земја“ во три категории, за најдобар документарен филм, за најдобра кинематографија и специјално признание од жирито за влијание за промена, претставува голема афирмација и промоција на нашата земја и култура.

Упатувам искрени честитки за постигнатиот успех кој верувам во иднина ќе биде уште поголем мотив и инспирација за креација на нови врвни филмски дела. Владата на Република Македонија и Агенцијата за филм ќе продолжат да подржуваат квалитетни филмски проекти и млади автентични филмски работници со цел нашата култура да добие своја афирмација со учество на што е можно повеќе македонски филмови на престижни светски филмски фестивали“, посочува премиерот Заев во честитката упатена до целиот тим кој работеше на филмот „Медена земја“, кој во конкуренција на 11 документарни филмови освои победа во три категории на престижниот светски фестивал Санденс.

На големото достигнување на документарниот филм „Медена земја“ за промоција на нашата земја и култура се надоврзуваат и големите успеси на филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска, кој е прв македонски филм кој влезе во трката за престижната „Златна мечка“ на годинешниот 69 Берлински филмски фестивал, како и учеството на филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставревски на бројните филмски фестивали кој воедно беше и филм кандидат за номинација на годинешниот Оскар од нашата земја.