26/04/2024
Македонија

Преподобен Козма Мајумски

Преподобен Козма Мајумски

Благочестивите родители на светиот Јован Дамаскин, кои живееле во градот Дамаск, зеле во својот дом едно мало христијанско сираче по име Козма, родум од Ерусалим, кое многу рано останало без родители. Посинувајќи го малиот Козма, тие го воспитувале заедно со својот син Јован. Двајцата светители уште од мали ја изучиле мудроста Божја. Бистри и трудољубиви, за кратко време ја изучиле книжевноста и философијата, а покрај тоа и астрономијата, музиката и геометријата. Најревносно го изучувале Светото Писмо и поради тоа биле почитувани од сите. Духовно пораснати и во зрели години, двајцата го напуштиле светот и отишле во лаврата на свети Сава Осветен. Земајќи го на себе монашкиот јарем, Козма строго се подвизувал, и со животот и богомудроста заблескал во Црквата Христова. Му помагал на свети Јован Дамаскин во составувањето на Осмогласникот, но и самиот испеал многу канони. Напишал прекрасни канони за Успение на Пресвета Богородица, Божик, Крстовден, Сретение (со стихири), Педесетница, трипесници на понеделникот, вторникот, средата и петокот во Страсната Седмица. Исто така, свети Козма ја составил особено боговдахновената песна во чест на Пресвета Богородица: „Честнејшују херувим…“ Подоцна, свети Козма бил поставен за епископ Мајумски. Како епископ, богоугодно го пасел своето стадо на спасоносното пасиште Христово. Доживувајќи длабока старост, мирно се упокоил во Господ на 12/25 октомври.