25/04/2024
Македонија

Преподобен Теофил Струмички

Преподобен Теофил Струмички

Блажениот Теофил се родил од побожни родители во близината на градот Тивериопол, денес Струмица, Македонија. Имал добра и кротка природа. А кога наполнил тринаесет години, станал послушник на преподобниот старец Стефан. Старецот три години го поучувал на стравот Божји и го раководел во подвижништвото и во монашкиот живот. Откако изминаале тие три години, бидејќи момчето добро се научило на монашките подвизи, Старец Стефан го повикал игуменот од лаврата и му го предал послушното, кротко и смирено момче за да го замонаши. Игуменот го одвел во лаврата и го потстрижал во монаштво со името Теофил. Теофил стана опитен монах, украсен со сите добродетели, живеел меѓу браќата како ангел, и им бил од полза на сите. Откако светителот долги години поживеал испоснички, настапил иконоборниот период, во кој беззакониот цар Лав Исавријанин иконоборец ги подложувал на мачење и ги убивал сите што ги почитувале иконите. Свети Теофил благоразумно поучувал молитвено да се почитуваат светите икони. Поради тоа, царот наредил свети Теофил да биде подложен на ѕверски измачувања, но тој, не само што не попуштил, туку успеал еден од своите мачители, кнезот Ипатик, да го разубеди и да го врати во Православието. На крај, кнезот Ипатик се заложил за да биде ослободен светителот. На свети Тоефил му било многу жал што не го довршил подвигот на своето мачеништво. Сепак, имајќи рани, тој се радувал, говорејќи со апостолот: „Се радувам што со своето страдање го дополнувам недостатокот на неволјите Христови во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Кол. 1, 24). Набргу потоа му било откриено дека за кратко време ќе замине кај Бог. Ги уредил сите манастирски работи, ги поучил браќата, ги благословил, ги целивал и заминал кај својот возљубен Господ.