26/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов ја додели Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело во 2017 година

Индустрискиот објект за полнење и флаширање на природна вода „МАYA“ во с. Гари на архитектот Александар Карангелов е најуспешното архитектонско дело во 2017 година.

Големата годишна награда што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, ја врачи Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој е покровител на манифестацијата.

„Уверен сум дека Големата годишна награда, но и другите активности на Сојузот на архитекти ќе придонесат повторно да го сфатиме значењето и насушната потреба од простор, светлина и ред. Потребата од зданија по мерка на човекот кои ќе бидат белег на нашето секојдневие, но и наследство за идните генерации“, рече претседателот Иванов на доделувањето на наградата што се одржа во Музејот на град Скопје.

Македонскиот претседател упати порака до институциите и до целото македонско општество да се овозможи повеќе простор за архитектите.

Тој подвлече дека за тоа е секогаш потребен интензивен економски и технолошки развој, но и постојано збогатување на духовното и надградување на естетските критериуми.