26/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов на средба со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Европската комисија, г. Жан Клод Јункер.

На средбата беше разговарано за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на евроатлантските интеграции, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија.

Претседателот Иванов изрази благодарност за поддршката на претседателот на ЕК, г. Јункер за европската перспектива на Република Македонија, која претставува највисока стратешка надворешно-политичка цел, како и за неговата заложба за зајакнување на европскиот ангажман на Балканот како инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа.

„Ја поздравуваме подготвеноста од Европската Комисија за обновување на препораката врз основа на исполнетите критериуми од наша страна”, рече претседателот Иванов, дополнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси, преку соодветното вреднување на нашиот напредок, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.

Македонскиот претседател ја нагласи неопходноста од фер и објективен пристап за Република Македонија, во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.

Во таа насока, претседателот Иванов позитивно ја оцени Стратегијата за Западен Балкан, промовирана од страна на г. Јункер и истакна дека со документот којшто претставува јасна порака во кој се изразуваат очекувањата од кандидатите за членство во ЕУ, уште еднаш се потврдува европската иднина на регионот.

Во однос на добрососедските односи, претседателот Иванов ги реафирмираше македонските напори за унапредување на односите со сите соседи и за поголема регионалната соработка, со цел стабилен, безбеден и просперитетен регион. Во тој контекст, македонскиот претседател порача дека изјавите на одредени политички лидери од регионот влијаат дестабилизирачки, не помагаат кон градење на добрососедски односи во регионот и не се европски.

junker_1