27/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов одржа предавање во Фондацијата „Црно Море“ во Истанбул

„Многу европски политики и обиди за стабилизација на Балканот, Кавказот и Блискиот Исток потонале во она што метафорично се нарекува бермудски триаголник. Денес доминираат перцепциите за овие региони, како области на поделби, конфликти, крвопролевања”, рече Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во своето предавање во Фондацијата „Црно Море” во Истанбул, во рамки на работната посета на Република Турција.

Во предавањето на тема: „Бермудскиот триаголник на европската политика, промените во рамнотежата на Балканот и улогата на Турција”, Претседателот Иванов истакна дека сето она што се случува на Балканот, Блискиот Исток и Кавказот најмногу се одразува на Турција, која се наоѓа во средиштето на Бермудскиот триаголник на европските политики”.

Зборувајќи за промените во рамнотежата на Балканот, тој потсети дека како и Република Македонија, така и Република Турција со години е блокирана во европските интеграции.

„Во нејзиното непосредно соседство се водат вооружени конфликти. Црното Море и Источниот Медитеран станаа подрачја на политичка нестабилност и пропаднати држави. Низ територијата на Република Турција минаа милиони бегалци од воените жаришта на Блискиот Исток, а не ја заобиколија ниту економските мигранти од Азија и Африка кои ја користеа Источно медитеранската мигрантска рута”, истакна македонскиот претседател.

Во своето предавање, Претседателот Иванов кажа дека со Вестфалскиот мир е создадена традицијата на толеранција како одговор на верските војни.

„Но, границите на толеранцијата се покажаа за време на мигрантската криза. Во многу европски општества завладеа страв, недоверба, ксенофобија. Ние на Истокот имаме традиција на почитување и прифаќање на различноста која е фундаментално различна од толеранцијата. Оваа традиција ја прави Македонија да биде тоа по што е позната, а тоа е вековниот соживот меѓухристијаните и муслиманите. Затоа, треба да го сакаме и чуваме она што го имаме, за еден ден да го добиеме и она што го немаме”, заклучи Претседателот Иванов во предавањето во Фондацијата „Црно Море” во Истанбул.

CrnoMore2