26/04/2024
Македонија

Приведен гостиварец кој избегал од затвор и извршил 75 кривични дела

По претходно превземени оперативни активности, полициски службеници од СВР Тетово извршија претрес во куќа на ул. “Методија Андонски“ во Гостивар, при што е приведено лицето И.Џ. (24) од село Дебреше, гостиварско, за кого претходно беше распишан централен распис поради бегство од КПУ Тетово, како и заради сомнение дека е сторител на вкупно 75 кривични дела и тоа: 51 “тешки кражби“, 18 “тешки кражби во обид“, пет “одземања на возило“ и една “кражба“, кои што се утврдени врз основа на направените проверки, ДНА вештачења, видео записи и други материјални докази. И.Џ. кривичните дела ги правел на подрачјето на Гостивар, Тетово, Струга, Охрид, Кичево, Ресен и Битола.

При претресот кај него, пронајден и одземен е пиштол марка “форјас таурус“ калибар 9 мм со шест куршуми во рамка и еден во цевката од пиштолот. Констатирано е дека запленетото оружје потекнува од тешка кражба во продавница во Тетово извршена на 03.01.2018. Исто така, пронајдено е и патничко возило “Ауди“, кое што приведениот го одзел во Струга, а пронајдени се и разновиден алат, фантомка и други предмети за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од други кривични дела.

По приведувањето на И.Џ., извршен е разговор со него, при што тој ги признал делата и објаснил како ги сторил. Извршено е и препознавање од страна на оштетен.