27/04/2024
Македонија

Промоција на Националниот оперативен бродбенд план

Министерството за информатичко општество и администрација, денеска организираше јавна расправа на којшто беше презентирана работната верзија на Националниот оперативен бродбенд план (НОБП).

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се осврна на содржината на документот, а зборуваше и за заложбите на Владата за реализација на предвидените мерки и активности.

„НОБП е стратешки документ на државата. Постигнувањето на националните бродбенд цели ќе обезбеди можност за дигитална трансформација на општеството. Суштинска промена во начинот на нашето живеење, размислување, комуникација и водење бизнис. Мерките и активностите во НОБП не смеат да бидат изолирани и да преставуваат цели сами за себе. Тие мора да бидат взаемно поврзани и усогласени и со други стратешки државни политики за да ја постигнат крајната цел, а тоа е да се обезбеди подобар живот за граѓаните“, истакна министерот Манчевски.

Зборувајќи за придобивките за сите граѓаните од исполнување на зацртаните цели во НОБП, министерот Манчевски се осврна на регулацијата на цени и важноста од обезбедување на конкурентен и лојален пазар.

„Едно од најголемите предизвици секако ќе биде обезбедувањето на ултра брз пристап до интернет за крајните корисници во белите зони. Белите зони се показател на дигиталниот јаз во државата, а државата треба да обезбеди начин тој да се намали.Затоа, во НОБП предвидено е во белите зони ЈП МРД, по барање на крајните корисници да им обезбеди оптички поврзувања, но некаде и безжични, за потоа преку истите оператор да им обезбедува пристап до ултра брз интернет. Есенцијално е изградбата, користењето на оваа пристапна оптичка инфраструктура да биде на транспарентен и недискриминациски начин, согласно Препораките на ЕУ за државна помош. Ниеден оператор не треба да биде ставен во повластена позиција на пазарот. Ова мора да е гарантирано. За потврда на истото, текстот на НОБП ќе биде доставен на мислење и до ЕУ“, информираше министерот Манчевски, потенцирајќи дека цените за пристап до ултра брз интернет за домаќинствата во белите зони мора да бидат прифатливи за граѓаните.

Како што рече министерот Манчевски, целта нема да се постигне доколку потрошиме сериозни јавни средства за изградба на мрежи во белите зони, а потоа тие потоа да не се користат.

Со цел превенција од неискористеност на мрежите во НОБП се предвидува оператор да може да ја користи државната пристапна оптичка инфраструктура, само доколку за домаќинствата обезбеди цена за пристап до ултра брз интернет (> 100 Mbps) до 2% од просечната плата во соодветниот плански регион. Со денешните износи на просечните плати, тоа би значело цена од околу 400-500 денари, во зависност од регионот.

Дополнително, за потикнување на користењето на ултра брзиот интернет се предвидува намалување на ДДВ од 18% на 5%. Оваа мерка е предвидена да се воведе во следните 10 години. За домаќинствата во белите зони кои имаат вкупни примања пониски од месечната просечна плата, предлагаме Владата  да им обезбеди финансиска помош во вид на исплата на претплатата за првата година за пристап до ултра брз интернет.

„Јавните средства кои државата ќе треба да ги обезбеди, со цел во следните десет години да ги изгради мрежите, а тоа се неколку десетици милиони евра, можеби на прв поглед изгледаат многу. Ама, исти или слични дилеми постоеле и на почетоците на процесите на електрификација, што беше пак основа за втората индустриска револуција. Затоа обезбедувањето на овие јавни средства треба да се гледаат како предуслов за обезбедување на дигитална трансформација во државата. Тоа е единствениот начин институциите и услугите да ги приближиме до граѓаните. Грѓаните да имаат подеднаква шанса за пристап до квалитетно образование и информации. Ова е стратешки документ, кој треба да влијае и на намалувањето на иселувањето од државата, особено во руралните средини“, заклучи министерот Манчевски.

На јавната расправа се обратија и Димитар Буковалов од МИОА и Цветанка Кузмановска од СЕП, кои се осврнаа на содржината на документот, усогласеноста со стандардите на Европската легислатива, како и важноста на документот во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Сите присутни ја поздравија инклузивноста на процесот на изработка на документот, отвореноста на МИОА за дискусија, како и вклученоста на сите засегнати страни,

Коментарите и забелешките добиени на јавната расправа, како и тие што до крајот на јануари ќе пристигнат во МИОА, ќе бидат разгледани во рамки на работната група, по што ќе се финализира Националниот оперативен бродбенд план. Целта е во текот на месец февруари истиот да биде усвоен на седница на Влада.