09/12/2024
Македонија

Прва официјална работна средба на вицепремиерот Николовски со ДКСК

Денеска заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржа прв официјален работен состанок со претседателката и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

На средбата беа презентирани работата и надлежностите на вицепремиерот Николовски и на  ДКСК, предизвиците поврзани со истите и можностите за меѓусебна соработка и координиран пристап во севкупната борба против корупцијата.

На состанокот се отворија повеќе теми и активности коишто треба да се преземат во следниот период, со цел исполнување на целта за спречување на корупцијата.

Вицепремиерот Николовски посочи дека во четиригодишната програмата на Владата на РСМ се поставени темелите на идните чекори за борбата против корупција, во што од исклучително значење ќе биде отворената соработка со ДКСК, како институција којашто треба да има силен удел во откривањето и решавањето на предметите поврзани со корупција.

На средбата се разговараше за Законот за спречување корупција и судир на интереси, надлежностите и опфатот на работа на ДКСК, издвојувајќи ги антикорупциската проверка на легислативата и детектирање и намалување на дискреционите овластувања на избраните и именуваните лица, проблемите со просторната, човечката екипираност и техничката опременост на Државната комисија за спречување на корупцијата. Воедно беше посочена важноста на ДКСК во системот за борба против корупцијата, но и потребата од тесната соработка со вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси,  вклучувајќи ја имплементација на препораките од V-от круг на ГРЕКО.

Вицепремиерот Николовски, понуди отворена соработка и поддршка за непречено функционирање на ДКСК.