21/06/2024
Охрид

Работилница и дигитално снимање на црквата Света Софија во Охрид

Управата за заштита на културното наследство и CyArk, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, имаат чест да ве поканат на отворање на еднодневната работилница за дигитализирање на културното наследство и презентација на технологиите кои ги користи CyArk, која ќе се одржи на 25 октомври (четврток) 2018 година во меморијалната куќа на Христо Узунов во Охрид, со почеток во 11:00 часот. По завршување на работилницата, околу 12:30 часот, ќе следи посета на црквата Св.Софија каде што ќе бидат презентирани методите на работа на CyArk, односно ќе започне дигиталното снимање на објектот на самото место. Дигиталното документирање од страна на CyArk на црквата Св. Софија во Охрид, ќе продолжи и во наредните денови додека не се добијат комплетните податоци за заштитеното недвижно културно добро.

CyArk е непрофитна организација со седиште во Оукленд, Калифорнија, основана во 2003 година, со цел дигитално снимање, архивирање и споделување на културното наследство на светот и од нивното основање до денес, имаат документирано над 200 споменици на сите 7 континенти. Со својата работа им помагаат на оние кои работат со управување и зачувување на локалитетите, преку обезбедување инженерски цртежи и детални мапи чија цел е да ја помогнат критичната конзерваторска работа и активното управување со локалитетите. Дополнително ги архивираат податоците користејќи ги најсовремените процеси за понатамошна достапност на овие податоци во ситуации на обнова по катастрофи, во блиска или далечна иднина.

За време на својот престој во Република Македонија, CyArk ќе ја сними црквата Света Софија користејќи LiDAR (ласерско скенирање), фотограметрија и беспилотни летала за да креираат прецизен 3D површински модел на заштитеното добро. Од овие податоци ќе обезбедат сет (група) на производи за конзервација, вклучувајќи висински точки на орто-слика и планови кои ќе помогнат во управувањето и следењето на локалитетот.