Шара се става под привремена заштита до донесување на Законот

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, согласно Законот за заштита на природата, донесе Решение за привремена заштита на делот од Шар Планина за кој се води постапка за прогласување за заштитено подрачје во категорија II – национален парк.
 
Привремената заштита на подрачјето на кое се однесува Решението се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи дел од Шар Планина за национален парк. За потсетување, Предлог-законот е одобрен од страна на Владата на Република Северна Македонија и во најскоро време се очекува да започне собраниската постапка за негово усвојување.
 
Со усвојување на овој Закон, Република Северна Македонија ќе го добие првиот национален парк од прогласувањето на независноста со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2% од севкупната територија.