28/04/2024
Охрид

СДСМ: ЈП „Билјанини Извори“ по се изгледа го добива трофејот за рекордер во покачување на цените

„ЈП „Билјанини Извори“ по се изгледа го добива трофејот за рекордер во покачување на цените на услугите помеѓу јавните претпријатија, иако конкуренцијата е навистина силна.

Речиси и да не постои седница на Советот на Општина Охрид, а да не биде запоседната од барањата и досетливите идеи на менаџерскиот тим на ЈП „Билјанини Извори“. Мнозинствотото во Советотот континуирано носеше одлуки во корист на ова јавно претпријатие, а на штета на охриѓани, сметајќи го народот за при очи слеп, а при уши глув.

Се започна со зголемување на цените за зонското паркирање и сегде- негде нови паркинг просторчиња, па нескротливата амбиција на ова ЈП ги донесе потоа на дневен ред за зголемување и пловните објекти. Водени од девизата луксузот се плаќа сопствениците на глисер до 6,5 метри за паркирање на пловниот објект сега плаќаат 33.000,оо денари годишно наместо поранешните 18.000,00 денари.

Се зголемија и цените за користење на спортските терени, иако Општината на големо прокламира спортски интерес и спорт за сите граѓани. Но не, тоа не е се’!

Локалната власт му ја довери на стопанисување и „пајак службата“ на ова претпријатие, одземајќи ја од ЈП „Охридски Комуналец“ – по каква ли заслуга добива ова претпријатие олку привилегии останува нејасно. Мнозинството во Советот пак, му даде право на јавното претпријатие да отстранува возила паркирани на јавни паркиралишта, простор наменет за паркирање, без посредство на сообраќајната полиција, што сопственикот на возилото го чини дополнителни 2.500 денари. Самоволие или што ли е ова?

Најнова е идејата на ЈП „Билјанини Извори“ за затворање на пристаништето во ноќните часови , забранет пристап на граѓаните за да може претпријатието да ги чува пловните објекти и нормално да наплаќа услуга, заборавајќи дека не е негова приватна сопственост. Го прашуваме и директорот и советниците од мнозинството, дали навистина мислат дека Охрид е приватна сопственост од неколкумина ? Со кое ли право одат кон таа идеја да им се одземе на охриѓани можноста да го уживаат Охрид?

Но и покрај сите зголемувања на цени и сите изуми и иновации ова претпријатие го заврши првиот квартал со загуба од околу 2 милиони денари, но со дваесетина нови вработени и нова идеја. За техничко-инвестиционо одржување исплатило околу 1,3 милиони денари, средства кои ги потрошило за да открие дали под терените со кои стопанисува има вода која може да ја искористи зад своите потреби за да не ја користи услугата на ЈП „Водовод“. Е тоа соломонско откритие ќе го чини и буџетот, но се надеваме не и здравјето на охриѓани, поготово на децата кои ќе ги користат спортските терени.

Ќе постане ли едно вакво јавно претпријатие кое треба да претставува двигател на позитивно владеење во градот, кое треба да биде коректор на сите иреални идеи на Локалното раководство, за жал претпријатие кое многу ретко го претставува гласот на народот?“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.


WebOhrid / 12.06.2023 / СДСМ Охрид