30/04/2024
Македонија

Со изложба во тетовскиот „Амам“ завршува проектот „Кажи НЕ на говорот на омраза“

Утре (21.02.), со почеток во 12.00 часот, во галеријата „Амам“ во Тетово ќе биде отворена изложба на 20 експонати, изработени од ученици од средните општински училишта во Тетово на тема „Живеј во хармонија со другите“.

Изложбата е последна содржина од превентивно-едукативниот проект – “Кажи НЕ на говорот на омраза“, чиј носител е Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово, во соработка со ОБСЕ и локалните самоуправи во Тетово и Гостивар, а кој што започна со реализација во средината на ноември минатата година.

На крајот на декември 2017 година, ваква изложба беше отворена во Гостивар, на која беа претставени 20 експонати што ги изработија учениците од четирите гостиварски средни училишта.

Претходно, во рамките на овој проект, се одржаа повеќе предавања со кои беа опфатени околу 4000 ученици во прва година во средните училишта од Тетово и Гостивар. На овие предавања учениците беа запознаени со тоа што претставува говорот на омраза, како се манифестира и препознава и кои се неговите негативни последици за општеството.

Целта на проектот е да се подобри разбирањето помеѓу младите од различна етничка припадност и да се подигне свеста за важноста и значењето на толеранцијата и почитувањето во мешаните заедници.